Инспиративна приказна на фудбалерката на Данска: Татко ѝ го убиле Талибани, таа игра фудбал, ќе биде хирург и зборува девет јазици

Точка

22/06/2021

15:28

4.503

Големина на фонт

а а а

Пандемијата минатата година целосно ги нарушила светските спортски календари. Овие денови за титулата најдобри во Европа се борат фудбалерите, а било планирано тоа да го направат и припадничките на понежниот пол. Меѓутоа, тоа нема да се случи, на голема жалост за Надија Надим, данска репрезентативка, иден хирург и една од највлијателните жени во светот на спортот.

Таа има 33 години, за што многумина би рекле дека се поодминати играчки години, посебно во фудбалот. Но, нејзината приказна е многу повеќе од само бројки. Родена е во Авганистан, каде Талибаните уште во раната младост го убиле нејзиниот татко, а таа заедно со мајка и четирите сестри успеала да побегне во Данска, каде почнало се.

"По два месеци пристигнавме во Данска, напатени, изморени и гладни. Не забележа еден полицаец и ни донесе малку банани, млеко и тост. Беше тоа мал гест, но и најљубезната работа која некој некогаш ја направил за мене", рекла Надим на една TEDx конференција пред три години.

Бегалскиот камп се наоѓал релативно блиску до фудбалските терени на кои играле локалните деца. Надија постојано гледала преку оградата и сакала да биде како нив, но немала топка за нешто такво. По тренинзите, заедно со пријателите одела да ги бара топките кои завршувале преку трибините и на 17 години почнала да се занимава со фудбал.

Освен во Данска, настапувала и за клубови од САД, играла за Манчестер Сити, а минатите две години играла за еден од најбогатите клубови на денешницата, ПСЖ, со кој на почетокот на овој месец го освоила првиот, историски пехар во Франција. За Данска одиграла 98 натпревари, постигнала 38 голови, што е само дел од вкупно 200 погодоци колку што има во кариерата.

Додека ја градела својата кариера, паралелно студирала медицина и многумина и кажувале дека мора да се одлучи за една од тие работи. Минатата година стажирала при една операција, а иако е една од наплатените фудбалерки на светот, ги одбивала понудите кои ќе ја направеле најплатена.

"Не играм поради парите. Доволно ќе заработам и во иднината ако бидам докторка", рекла таа своевремено.


Данска и овозможила нов почеток и успех во сите полиња во кои сакала да се обиде. Морала до полнолетство да чека на државјанство, кое го добила две години подоцна. ФИФА најпрво не и дозволувала да игра за Данска, но жалбата вродила со плод, па Надим станала еден од главните играчи во својата репрезентација.

Освен што е врвна фудбалерка и иден хирург, Надим зборува девет јазици, а "Forbes" ја вброил меѓу 20-те највлијателни жени во спортот. Воедно е прогласена и за личност на годината во Данска. Пред две недели потпишала договор со "Racing Louisville", со што по четири години се враќа во САД. Сепак, не ги заборава своите корени, па во соработка со ПСЖ и организацијата КЛАБУ се обидува да им помогне на децата во бегалските кампови.

"Додека бегавме од Авганистан, во глава имав само желба за преживување и надеж за подобро утре. Верувам дека им е така и на многу од тие деца. Никогаш немојте да дозволите некој да ви ги одземе соништата", заклучила Надим.



Спонзорирани линкови

Маркетинг