Шпанскиот тенисер Рафаел Надал вчера сензационално испадна од Мастерсот во Рим, но се чини дека ваквиот момент е помал проблем за еден од најдобрите на сите времиња.
Имено, Надал имаше проблеми со стапалото и тоа е повреда која ќе му прави проблем и на претстојниот Ролан Гарос на кој од 22-ри мај ќе се бори за својот 22-ри Гренд слем наслов.
„Повторно многу ме болеше стапалото. Јас сум играч кој живее со повредa, тоа не е ништо ново. Тоа е нешто што постојано ме следи и ќе ме следи. За жал, моето секојдневие е многу тешко. Сега сум потполно искрен. Дури и во таква ситуација се обидувам. Давам сè од себе. Меѓутоа, ќе ви кажам, фрустрирачки е кога поголемиот дел од деновите не можете ни да тренирате како што би сакале“, објаснил легендарниот тенисер.
Откако пропушти значаен дел од минатата сезона поради повреда на стапалото, Надал се врати во свој стил на Австралијан Опен и освои рекордна Гренд слем титула.
„Ситуацијата со ногата е многу тешка откако се вратив. Меѓутоа, она што особено беше тешко да се прифати и она што најмногу ме мачи и најтешко ме погодува е дека всушност започнав да играм подобро. Ја вратив вистинската форма. Првото нешто до кое морам да дојдам е тренирање без болка. Во текот на Ролан Гарос ќе имам свои лекари, а тоа понекогаш помага бидејќи имате поголем простор за маневрирање“, рекол Надал.
За потсетување, најавата за Ролан Гарос помина лошо бидејќи Шпанецот и минатата седмица изгуби во големото финале во Мадрид од својот наследник Карлос Алкараз.