Каби Ламе официјално ја симна мегапопуларната тинејџерка Чарли Д’Амелио од тронот откако неговиот профил стана најследен на ТикТок.
Сенегалскиот комичар со месеци водеше битка за следбеници со Д’Амелио пред конечно да ги надмине нејзините 142,1 милиони следбеници. Каби сега има над 143 милиони следбеници, а неговиот профил е активен од март 2021 година.
22-годишниот Каби до март 2020 година бил работник во италијанска фабрика во индустрискиот град Чивасо. За време на пандемијата, тој ја изгубил работата и без никакви приходи се вратил во родителскиот дом. Неговото семејство се доселило во Италија од Сенегал, а животот не им бил воопшто лесен. Неговиот татко го наговарал да започне да бара друга работа, но Каби одлучил да се испроба во нешто сосема поинакво - започнал да креира содржини за ТикТок.
Неговите видеоснимки се базираат на често непотребни таканаречени „животни трикови“, преку кои тој укажува на нивниот апсурд. Младиот Тиктокер покажува како истите трикови можат да се изведат на многу поедноставен начин, без да изговори збор.
Каби за „CNN“ рекол дека неговите тивки реакции „треба да покажат неверување“. Снимките редовно ја покажуваат неговата огорченост поради (непотребно) претерано комплицираните аспекти од животот.
„Дојдов до ваква идеја бидејќи ги гледав овие видеа како кружат и ми се допадна идејата во тоа да се внесе малку едноставност. Идејата дојде случајно, но тишината не. Смислував начин како да успеам да допрам до што поголем број луѓе. А најдобриот начин за тоа беше воопшто да не зборувам. Можеби затоа што моите изрази на лицето се смешни, оваа едноставност успева да ги насмее луѓето и тоа го сакам“, вели Каби.