Ревијата на Гучи со 68 пара идентични близнаци го украде шоуто на Модната недела во Милано

Точка

25/09/2022

15:40

9.613

Големина на фонт

а а а

На миланската Недела на модата, ревијата на модната куќа Гучи го украде шоуто.

Креативниот директор на брендот, Алесандро Микеле, за својата колекција пролет/лето 2022-23, наречена „Твинсбург“, која беше претставена на Неделата на мода, за модели избрал 68 пара близнаци со идентичен изглед.


Микеле изјавил дека претставувањето на Гучи колекцијата во дупликат им дало повеќе сила на модните парчиња, пренесува „AP“.

Најголемо внимание привлекле цветните јакни, свилените фустани со вез, машките панталони со подвезици кои го откриваат горниот дел од бутините, што ретко се гледа во свеченото облекување, и многу друго.


Изгледот бил надополнет со накит за лице со метални реси кои исто така можат да се забележат и на очилата за сонце.


На модната писта биле претставени мотиви од филмот „Гремлини“ од 80-те години, кои се појавуваат како модни додатоци.

Инспирацијата за ваквата колекција, Микеле ја пронашол во необичното семејно опкружување, бидејќи пораснал со верувањето дека има две мајки: сопствената биолошка мајка и нејзината сестра близначка.


И двете ги нарекувал „мама“ бидејќи живееле во соседни станови и не можеле да поднесат да бидат разделени.

Креативниот директор на Гучи изјавил дека дури на 7-годишна возраст започнал да ја сфаќа разликата, кога неговата тетка починала.




Спонзорирани линкови

Маркетинг