БЕГ тврдат дека немаат обврска да ги грејат скопјани, Владата смирува дека парно ќе има

Макфакс

26/09/2022

16:52

1.768

Големина на фонт

а а а

„Балкан Енерџи Груп“ (БЕГ) објави дека нема правен основ да располага со топланите, ниту обврска да продолжи со вршење на дејноста во новата грејна сезона.

Во соопштението што го објави компанијата наведуваат дека немаат доволно финансии да набават гориво за производство на топлинска енергија.

„Согласно член 51 од Законот за енергетика БЕГ – Производство имаше законска обврска да продолжи да ја извршува дејноста, до истекот на рокот од 90 дена за избор на нов вршител на дејноста, кој е веќе истечен. Во овој период БЕГ Производство продолжи да ја врши дејноста и ги заврши сите неопходни ремонтни активности во топланите се со цел новиот носител на лиценца да може непречено да ја започне новата грејна сезона“, велат од БЕГ.

Додаваат дека „БЕГ-Производство нема правна основа за користење на топланите, бидејќи Договорот за закуп е раскинат и новиот сопственик на топланите побара примопредавање на истите“, велат тие.

Како што додаваат, компанијата била финансиски неспособна за вршење на дејноста, поради големите загуби што ги оствариле претходната грејна сезона како резултат на неколкукратно зголемените трошоци за набавка на енергенси и електрична енергија кои не биле покриени со одобрените тарифи од Регулаторна комисија за енергетика.

Поради овие причини, се наведува во соопштението, на 09 јуни годинава, до Регулаторната комисија за енергетика поднеле барање за престанок на лиценцата, а на 20 јуни РКЕ донесе решение за престанок на лиценцата на БЕГ – Производство“.

Од Владата, пак, смируваат дека скопјани ќе имаат парно – согласно Законот за енергетика загарантирана е јавната дејност да се врши во целост без прекин, соопштија од владината прес-служба.

Оттука наведуваат дека континуирано преземаат мерки за да обезбеди сигурно и стабилно снабдување со топлинска енергија за граѓаните на Скопје. Во овој момент, како што информираат од Владата, се финализираат преговорите за регулирано производство на топлинска енергија, врз основа на претходно донесената одлука на Владата за избор на вршители на енергетски дејности, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија. Штом завршат истите, јавноста ќе биде навремено известена.

„Граѓаните на Град Скопје ќе имаат парно, и согласно Законот за енергетика загарантирана е јавната дејност да се врши во целост без прекин. Владата заедно со ресорните институции постојано работи на обезбедување на потребните ресурси за производство на топлинска енергија по најповолни цени се со цел домаќинствата да имаат помали трошоци. Конкретно, се бара најдоброто решение за обезбедување на најниска цена на гас или мазут со цел да се спречи ценовен шок и да не поскапи парното“, се наведува во владиното соопштение.

Од РКЕ, пак, велат дека вршењето на јавната дејност производство на топлинска енергија од регулиран производител е прецизно дефинирана во Законот за енергетика каде основниот императив на вршителот на јавна дејност е да обезбеди сигурно, континуирано и квалитетно производство на топлинска енергија.

„Ве информираме дека Законот за енергетика , кој доби и зелено светло од Енергетска заедница во целост ги има инкорпорирано сите одредби од европската легислативата по однос на сигурно, стабилно и континуирано снабдување со енергија. Во тој дух и РКЕ ги носи одлуките со кои се прецизира дека се до избор на нов вршител на посочената енергетска дејност, на актуелниот вршител не му престанува обврската за обезбедување на јавна дејност. Обврската за вршење на јавна дејност регулирано производство на топлинска енергија престанува со денот на издавање на лиценца (во случајов нов вршител на јавна дејност)“, наведуваат од РКЕ.



Спонзорирани линкови

Маркетинг