Компанијата „Dartz Motorz“ од Лaтвија најавува лимитирана серија на луксузен SUV, базиран на моделот „Prombron Iron Diamond“.
Почетната цена изнесува 750.000 евра, а купувачите можат да добијат блиндиран автомобил „пресоблечен“ во злато, по цена од 1,5 милиони евра.
Целoсното име на спектакуларното возило гласи – „Dartz Motorz Prombron The Dictator Aladeen Edition MMXXII“.
Нешто ви звучи познато? Веројатно мислите на диктаторот Аладин од измислената африканска држава Вадија кој на големото платно го претстави комичарот Саша Барон Коен.
Компанијата од Латвија своевремено произвела три вакви автомобили за потребите на филмот „The Dictator“, а подоцна уште седум за комерцијална продажба.
Воочи десетгодишнината од премиерата на филмот, „Dartz Motorz“ најавува дека ќе изработи уште десет примероци, пренесува „Daily Mail“.
Под златната каросерија украсена со грбот и знамето на државата Вадија, се крие 4.0-литарски V8 бензинец којшто произведува 800 KS и 1.000 Nm.
Моќниот агрегат инаку е позајмен од „Mercedes-Maybach GLS“ лимузина.
„Dartz Motorz“ тврди дека автомобилот достигнува „стотка“ за 3,8 секунди, а има максимална брзина од 280 км/ч.
Луксузната внатрешност е украсена со 500 различни видови дрво, со копчиња од чисто злато, наведува произведувачот.
Инструментите се аналогни затоа што компанијата не ја поддржува дигиталната технологија, а особено се интересни специјалните прегради.
Тие се отклучуваат со помош на сензор за читање на отпечаток од прст и служат за чување пиштол или калашников.