Сите веќе добро знаеме дека медитеранската исхрана е исклучително здрава, а неодамна е утврдено дека Каламата маслинките, кои потекнуваат од истоимениот град во Грција, се една од најдобрите опции кои можете да си ги дозволите.
Овие маслинки се карактеризираат со темновиолетова, речиси црна боја. Се сушат во солена саламура која предизвикува ферментација и го ублажува нивниот природно горчлив вкус.
Иако технички имаат висок удел на маснотии, станува збор за мононезаситени маснотии, што значи дека не треба да имате грижа на совест доколку ги консумирате бидејќи тие се сметаат за здрави. Маснотиите во Каламата маслинките во поголем дел се состојат од олеинска киселина за која бројни студии откриваат дека е особено корисна во заштита од срцеви болести и намалување на ризикот од висок крвен притисок и холестерол.
Каламата маслинките исто така содржат полифеноли, кои се корисни во борба против воспаленијата, а благотворно делуваат и на здравјето на срцето и ги штитат клетките од оштетувања. За полифенолот наречен олеуропеин, кој се наоѓа во овој вид маслинки, е утврдено дека помага во заштитата на мозокот односно штити од развој на плак кој предизвикува Алцхајмерова болест.
Но, имајте на ум дека маслинките содржат поголема количина на натриум – во 3 до 5 маслинки има околу 230 милиграми натриум, така што бидете умерени во нивната консумација и искористете ги сите здравствени придобивки кои ги пружа оваа вкусна намирница.