Соединетите Американски Држави очекуваат илјадници севернокорејски војници наскоро да се приклучат на борбите во Украина. Ова го изјави американскиот министер за одбрана Лојд Остин кој е во посета на Фиџи.
Според него, околу 10.000 Севернокорејци се во руската област Курск, каде што се интегрирани во руските борбени формации, пренесе АФП.
Остин рече дека засега нема посебни докази дека тие се активно вклучени во борбите. Според јужнокорејските власти, Русија му обезбедила на Пјонгјанг нафта, проектили и економска помош во замена за воено распоредување на комунистичката држава.
Во исто време, украинската армија ги негираше информациите за присуство на севернокорејски војници во регионот на Харков.
Оттаму изјавија дека лицето што ја проширило информацијата не е овластен портпарол на војската во областа и ги повикаа медиумите и луѓето да бараат информации од официјални извори.