[ВИДЕО] Како изгледа ручекот во шведските училишта? Оброците се вкусни, безбедни и нутритивно богати

Точка

11/12/2024

14:06

1.568

Големина на фонт

а а а

На социјалната мрежа „Х“ се појави снимка од корисничката по име Алекс која сподели снимка од училишната кантина во Шведска.

Ова видео собра над 100 коментари, во кои луѓето најмногу кажуваат дека би сакале сличен систем и во училиштата ширум Балканот, а во продолжение прочитајте како функционираат овие оброци во Шведска.

Бесплатен училиштен оброк како право на секое дете

Шведска е меѓу ретките земји каде училишните ручеци се бесплатни за сите деца на возраст од 6 до 16 години, како и за повеќето средношколци до 19 години. Секој ден, пет дена во неделата, децата имаат право на топол, нутритивно богат оброк, сè со цел да се обезбедат еднакви услови за учење и да се намалат социо-економските разлики помеѓу учениците.


Инаку оваа програма не е нова. Националните напори за обезбедување бесплатни оброци за децата започнаа на почетокот од 20 век, а до 1970-тите повеќето училишни деца ја имаа оваа привилегија. Од 2011 година, законот е дополнително подобрен – оброците мораат да бидат и нутритивно богати и да задоволуваат една третина од дневните потреби за енергија и хранливи материи.

Што имаат на менито

Типичен училиштен ручек во Шведска вклучува топло главно јадење, како чорба со компири или тестенини со сос, салата по избор, варен зеленчук, традиционален шведски крцкав лев „knäckebröd“ и млеко или вода.



Сè се сервира како шведска маса, за децата да научат колку им е доволно. Менито вклучува и вегетаријански и безглутенски опции за да се задоволат сите потреби на децата. Исто така се води сметка и за децата со алергии, чии оброци се послужуваат посебно. Покрај тоа, училиштата практикуваат да имаат „веге ден“ барем еднаш неделно.


Учениците јадат заедно со нивните наставници, што е познато како „педагошки ручек“. На овој начин, оброкот се користи и како можност за запознавање со здравите навики и важноста на исхраната.

Модел на оброк – повеќе од храна

Во 2019 година, Шведската агенција за храна го разви таканаречениот модел на оброци, кој ја разгледува исхраната во училиштата од поширока перспектива. Оброците треба да бидат:

Вкусни

Безбедни

Хранливи

Еколошки паметни

Пријатни

Дел од образованието

Училиштата и општините ја користат дигиталната алатка „SkolmatSverige“ за да го проценат квалитетот на оброците. Системот опфаќа шест клучни области – од нутритивна вредност и одржливост до задоволство на учениците.


Како сè се финансира

Училишните оброци се финансираат со локални даноци, а просечниот годишен трошок по ученик е околу 600 евра. Оваа сума покрива сè, од намирници до плати на персоналот. Повеќето училишта оброците ги подготвуваат во своите кујни, додека во помалите училишта храната се носи топла или разладена.


Истражувањата покажаа дека бесплатните училишни оброци имаат далекусежни ефекти. Децата кои имале вакви оброци во текот на целото основно образование, во просек имаат 3% поголеми примања во текот на животот. Програмата особено им донесе корист на децата од посиромашните семејства, намалувајќи ги социо-економските нееднаквости и подобрувајќи ги здравствените и образовните резултати, а Шведска јасно покажува како инвестирањето во децата може да донесе огромни социјални и економски придобивки.