Парче од Марс продадено за 5,3 милиони долари

Точка

19/07/2025

12:05

477

Големина на фонт

а а а

Еден од најретките предмети од вселената доби нов сопственик – на аукција организирана од "Sotheby’s", беше продаден метеорит од Марс за неверојатни 5,3 милиони долари.

Станува збор за камен пронајден во 2023 година во оддалечен дел од Сахара, во Нигер. Метеоритот, именуван како "NWA 16788", тежи над 24 килограми и е за дури 70% поголем од вториот најголем марсовски метеорит што некогаш бил пронајден на Земјата. Димензиите му се 37,5 × 28 × 15 сантиметри, а неговата црвено-кафена рапава површина потсетува на самата површина на Црвената планета.


Овој метеорит е редок не само поради својата големина, туку и поради потеклото. Тој пристигнал на Земјата откако астероид удрил во Марс и исфрлил парчиња од неговата кора, кои потоа поминале над 225 милиони километри низ вселената. Од над 77.000 официјално регистрирани метеорити, само околу 400 потекнуваат од Марс.


Според "Sotheby’s", оваа карпа содржи повеќе од 21% маскелинит – стаклест минерал кој се создава под екстремен притисок при судар на астероид со површината на Марс. Овој факт лабораториски бил потврден пред самата аукција.


Победничката понуда изнесувала 4,3 милиони долари, но со вклучени такси вкупната цена ја надминала сумата од 5,3 милиони, со што овој метеорит стана најскапиот што некогаш е продаден.