Тони Надал со години му беше тренер на својот внук Рафаел и заедно остварија огромни успеси, но како човек кој отсекогаш се занимавал со овој спорт, неговиот глас надалеку се слуша и кога дава предлози за подобрување и еволуција на саканата игра.
Легендарниот Тони смета дека тенисот се доведе во ситуација да гледаме само моќни тенисери кои разменуваат силни удари, па во недостиг на тактика и технички играчи на АТП турот, смета дека е редно време најважните организации во тенисот да се позанимаваат и со здравјето на играчите.
Холгер Руне беше последна жртва и заработи тешка повреда поради која ќе отсуствува со месеци, а Тони даде револуционерен предлог за да се спречат такви нешта во иднина, со кој смета дека ќе се внесе и далеку поголема возбуда и рамноправност во тенисот.
– Знам дека многумина од актуелните играчи нема да се согласат со мене, но вистинскиот проблем во тенисот е тоа што топчето се движи пребрзо. Повредите кои ги гледаме не се предизвиакни од бројот на одиграни мечеви, туку од интензитетот и силата која се вложува поради брзите топки. Веќе не гледаме тактички играчи како што беа на времето Корија или Гаудио, тенисери кои се обидуваа со тактика да го конструираат поенот. Сега се се сведува на сила, без многу техника и елеганција.
– Дојдовме во ситуација тенисот да се гледа како спорт во кој победува оној кој удира најсилно. Кога се прават толку брзи и силни движења со голема брзина, лесно е да го повредите телото и да има последици врз играчите. Мислам дека главна цел треба да ни биде забавување на играта, да се игра побавно.
– Според мене, најдобра мерка за да се спречи ова ќе биде воведување на помали рекети, како што гледавме во минатото. Се сеќавам на етапата на Мекинро и Настасе, тогаш ги гледавме сите елементи на тенисот. Движење, вештина и тактика, а не само сила. Тенисот и натаму е единствениот спорт кој започнува со „пенал“. Ако сервирате добро, противникот нема никаква шанса. Во другите спортови се променија правилата за да се зголеми спектаклот, но ние во тенисот не сме храбри за да го направиме тоа, – вели Тони.








