Во петок започнува седмото коло од фудбалскиот Куп на Франција, во кое се натпреваруваат 128 екипи, а еден клуб уште вчера тргна на своето гостување.
Причината е неверојатната оддалеченост што треба да ја помине. Имено, клубот Милуз кој настапува во француската петта лига, тргна на патување до Нова Каледонија, долго 17.000 километри, за да одигра натпревар против тимот на АС Магента. Играчите ќе поминат повеќе од 24 часа во авион.
Купот на Франција се игра на дури четири континенти, бидејќи земјата има бројни прекуокеански територии. Така, во натпреварувањето учествуваат и клубови од Океанија (Нова Каледонија и Француска Полинезија), Африка (Реинион и Мајот) и од Централна и Јужна Америка (Француска Гвајана, Гвадалупе, Мартиник, Свети Мартин, Свети Бартоломеј, Свети Петар и Микелон).
Освен Магента, во седмото коло ќе настапат уште два клуба од други континенти против француски екипи. Тоа се ФК Бандреле од островот Мајот, кој ќе гостува кај нисколигашот Монтреј додека францускиот клуб Карнукс ќе биде домаќин на тимот АС Пирае од Тахити.
Инаку, со оглед на големите трошоци за нисколигашите, патувањето на Милуз во целост го финансира Фудбалскиот сојуз на Франција. Кога екипите од Лига 1 ќе се приклучат на натпреварувањето во декември, сите екипи од другите континенти кои сè уште ќе бидат во конкуренција ќе мора да патуваат во Франција – а и тие трошоци ќе ги покрие сојузот.
Досега ниеден клуб од друг континент никогаш не успеал да стигне подалеку од осминафиналето.