Познатиот војнички грав нема конкуренција со децении: Југословените го обожувале, а ЈНА го подготвувала според овој рецепт

Точка

20/02/2026

18:00

415

Големина на фонт

а а а

Војнички грав, или како што народот го нарекува ЈНА грав, е едноставно и изобилно јадење кое со децении било дел од секојдневната исхрана на војниците.

Се подготвува од основни состојки како грав, кромид и месо со зачини, а неговата сила и хранливост го направиле препознатлив и надвор од воените мензи. Доколку сте љубител на вистински грав, ви го претставуваме оригиналниот рецепт.

Малку се јадењата што будат толку носталгија како војничкиот грав каков што некогаш се готвел во касарните на ЈНА. Густ, јак, миризлив и заситувачки, се варел во големи казани и бил симбол на домашната, едноставна кујна која го храни и телото и душата. Тој грав не бил само оброк, туку ритуал на бавно готвење, добро запржување и внимателно избалансирани зачини кои му го давале препознатливиот вкус. Токму затоа многумина и денес се обидуваат да го повторат тој рецепт дома, барајќи го оној автентичен мирис на чад, месо и ловор што се ширел низ војничките трпезарии.


Состојки:

• 500 г бел грав (тетовец или градиштанец);

• 300–400 г суво месо (ребра или димена коленица);

• 150 г сланина;

• 2 поголеми главици кромид;

• 2 моркови;

• 3 чешниња лук;

• 1 ловоров лист;

• 1 лажица мелена слатка пиперка;

• 1 лажичка мелена лута пиперка (по желба);

• 2 лажици брашно;

• 80 мл масло или маст;

• сол и бибер по вкус;

• вода (по потреба).


 Подготовка:

Гравот измијте го и потопете го во ладна вода преку ноќ за да омекне и рамномерно да се сварат зрната. Следниот ден истурете ја водата во која стоел, налејте нова и кратко проварете го десетина минути, па и таа вода фрлете ја – овој стар војнички трик дава поблаг и почист вкус.

Во поголем лонец ставете го гравот, додадете го дименото месо исечено на парчиња, морковот исечен на тркалца и излупениот и ситно исечкан кромид. Налејте вода колку сè да биде покриено и варете на умерен оган, повремено отстранувајќи ја пената од површината, додека гравот не почне да омекнува.

Додека гравот се вари, подгответе запршка. На загреано масло или маст најпрво пропржете ситно исечкан кромид додека не стане стаклест, потоа додадете ситно исечкан лук и кратко пропржете го за да ја ослободи аромата, внимавајќи да не загори. Потоа вмешајте го брашното и пржете со постојано мешање додека не добие блага златна боја.


Тргнете ја запршката од оган, додајте мелена слатка пиперка (и по желба малку лута), па полека сипувајте ја во гравот со постојано мешање за убаво да се соедини. Додајте го ловоровиот лист, посолете и побиберете по вкус, како и сечканата сланина, па продолжете со варење на тивок оган уште 20 до 30 минути, за да се соединат вкусовите и гравот да ја добие карактеристичната густина.

При крајот на варењето извадете ги парчињата месо, по потреба исечете ги и вратете ги во лонецот. Оставете го гравот кратко да одмори пред послужување, бидејќи војничкиот грав е највкусен кога малку ќе се згусне и „ќе одлежи“, исто како некогаш во војничките казани.