Речиси 40 проценти од луѓето со покачен LDL, таканаречениот „лош“ холестерол, воопшто не знаат дека го имаат тој проблем. Доколку вредностите се покачени, промената на исхраната е еден од клучните чекори за намалување на ризикот од срцеви заболувања. Освен храната, важно е внимание да се обрне и на тоа што се пие. Според препораките на нутриционистите, еден утрински напиток особено се издвојува.
Станува збор за сок од калинка. „Сокот од калинка изобилува со полифеноли, силни антиоксиданси кои го штитат LDL холестеролот од оксидативно оштетување, клучен чекор во создавањето наслаги во артериите“, објаснува нутриционистката Карман Мејер за „EatingWell“.

Во помало истражување на возрасни лица од средна возраст со прекумерна тежина и дислипидемија, пиењето приближно една чаша сок од калинка дневно во текот на две недели довело до намалување на LDL. Истражувањата исто така сугерираат дека калинката може да помогне во намалување на крвниот притисок, но Мејер нагласува дека сокот „не е замена за лекови, туку корисен додаток во исхраната за здравје на срцето“.

Се препорачува и сок од домати
Ако сокот од калинка се воведува во исхраната, Мејер советува да се избере 100-процентен сок без додаден шеќер и да се избегнуваат мешавини со други сокови. Се препорачуваат помали порции, околу 120 до 240 милилитри дневно. Сокот може да се додаде во смути богато со влакна, на пример со овошје, спанаќ и ленено семе.
Освен сокот од калинка, постојат и други опции. Нутриционистката Али Мекгоуан вели дека смутијата генерално се добар појадок за лица со покачен холестерол и препорачува комбинација од незасладено овесно млеко, шумско овошје и чија семе поради растворливите влакна.

Нутриционистката Ејми Вудман препорачува и сок од домати поради ликопенот, антиоксиданс кој може да го подобри нивото на холестерол, особено HDL, со напомена да се избираат верзии со малку или без натриум. Мекгоуан предлага и зелен чај, заклучувајќи: „Консумирањето зелен чај во клинички студии е поврзано со умерено намалување на вкупниот и LDL холестерол.“










