Наредниот месец принцот Хари и неговата сопруга Меган Маркл ќе отпатуваат на интензивна турнеја во Австралија.
За време на престојот во Сиднеј, Меган ќе биде почесна гостинка на ексклузивниот „женски викенд-излет“, каде ќе одржи говор на свечена вечера, а учесниците со ВИП влезници ќе имаат можност и да се фотографираат со војвотката, пишува Дејли меил.

Меѓутоа цените на влезниците за тридневниот настан предизвикаа бројни реакции во јавноста. Основната влезница чини 1.439 фунти (1.665 евра) и вклучува сместување во хотел покрај плажа, пристап до гала вечерата, часови по јога и медитација како и диско забава. Оние што сакаат ВИП искуство и поблизок контакт со Меган ќе треба да платат 1.705 фунти (1.973 евра) по лице.
Достапна е и посебна опција за групна фотографија со војвотката по цена од 266 фунти (308 евра), а вклучува место на масите во првите две редици за време на гала вечерата. Организаторите на настанот порачуваат дека станува збор за „викенд за жени каков што досега не сте го доживеале – можност за повторно поврзување, релаксирање и незаборавно искуство покрај океанот“.

Потсетуваме, Меган последен пат престојувала во Австралија во 2018 година, кога таа и Хари поминале 16 денови патувајќи ширум Австралија, Фиџи, Тонга и Нов Зеланд во рамки на нивната прва кралска турнеја како брачен пар. Во книгата „Дворјани: Скриената моќ зад круната“, поранешниот кралски дописник, Валентин Лоу тврди дека војвотката „уживала во вниманието“, но целосно не ја разбирала целта на кралските излегувања и средбите со граѓаните. Според книгата, Меган наводно рекла: „Не можам да верувам дека не сум платена за ова“.

Меган нема да биде единствената која ќе учествува во скапите настани за време на турнејата – принцот Хари ќе одржи говор на самитот „InterEdge“ во Мелбурн, опишан како настан за професионален развој на лидери и двигатели на промени. Влезниците за самитот за ментално здравје имаат почетна цена од 1.054 фунти (1.219 евра), а приходот оди во организацијата „Lifeline“.










