Дрога пронајдена кај двајца 19-годишници и еден малолетник

Макфакс

24/05/2026

15:32

605

Големина на фонт

а а а

При претрес на велешкото подрачје пронајдена е дрога и приведени се двајца 19-годишници и еден малолетник поради поседување и распространување на марихуана. Полициските служби извршиле претрес и во домот на малолетникот каде биле одземени повеќе докази.

Дрога била пронајдена при претрес на велешкото подрачје, по што приведени биле двајца 19-годишници и еден малолетник, соопштија денеска од Министерството за внатрешни работи.

– Вчера во 2:20 часот, полициски службеници од СВР – Велес ги лишиле од слобода М.А. од велешкото село Долно Каласлари и Ј.П. од Велес, а во 15:15 часот го лишиле од слобода 17-годишен малолетник од Велес. При сообраќајна контрола било сопрено патничко возило „фолксваген голф“ со велешки регистарски ознаки, управувано од М.А., а сопатници биле Ј.П. и малолетникот, кој излегол од возилото и побегнал, при што фрлил пари и марихуана, кои биле пронајдени и одземени – појаснија од МВР.

Како што информираа, при преглед во возилото била пронајдена и одземена марихуана, а М.А. и Ј.П. биле лишени од слобода и известен бил јавен обвинител.

– Подоцна, со судска наредба, извршен бил претрес во домот на малолетникот во присуство на негов родител, каде биле пронајдени и одземени марихуана, дигитална вага, телефон и пари. Тој бил приведен во полициска станица, известен бил јавен обвинител, а потоа и спроведен во Основно јавно обвинителство – Велес. По целосно документирање на настанот, ќе бидат поднесени соодветни пријави – додадоа од МВР.