СДСМ: Мицкоски му диктира задачи на обвинителот Савески

Макфакс

24/05/2026

18:00

192

Големина на фонт

а а а

СДСМ обвинува дека Христијан Мицкоски врши директно влијание врз јавниот обвинител Ненад Савески, и дека судството и обвинителството се под контрола на власта, барајќи од Савески да поднесе оставка.

Од СДСМ обвинуваат дека премиерот Христијан Мицкоски врши директно влијание врз работата на јавниот обвинител Ненад Савески и дека судството и обвинителството се ставени под целосна контрола на власта.

„Ништо друго не прави, ама затоа врти-сучи Мицкоски постојано му диктира задачи на јавниот обвинител Ненад Ало Савески. Како што му диктираше насоки по телефон, како што му делеше задачи од собраниската говорница и од телевизија, сега следува нова наредба од Мицкоски до Ало Савески – и тоа на празник“, велат од партијата.

Од СДСМ оценуваат дека последните изјави на премиерот претставуваат, како што наведуваат, „скандалозна нарачка“, додавајќи дека тоа е уште еден доказ оти нема независно судство и обвинителство во државата.

„Има ли некого во земјата на кого не му е јасно дека судството и обвинителството во Македонија се под целосна контрола на Мицкоски и неговата организирана криминална група? Нема. Сите знаат“, стои во соопштението.

Според опозициската партија, токму поради тоа нема правда, нема реформи и државата е блокирана на европскиот пат.

Од СДСМ тврдат дека власта не сака независно судство и Европско јавно обвинителство, бидејќи тоа би значело, како што велат, „крај на заштитата на криминалците на власт“.

„Мицкоски дава наредби – Савески исполнува“, наведуваат од СДСМ, од каде порачаа дека по ваквите изјави и признанија, обвинителот Савески треба веднаш да си поднесе оставка.