Градот Скопје и Министерството за култура и туризам потпишаа Меморандум за соработка со цел унапредување на културните и туристички потенцијали на главниот град и подготовка за Скопје 2028 - Европска престолнина на културата.
Градот Скопје и Министерството за култура и туризам денес потпишаа Меморандум за соработка со цел унапредување на културата, туризмот и културно-туристичката понуда на главниот град.
„Меморандумот, потпишан од градоначалникот на Град Скопје и министерот за култура и туризам Зоран Љутков, претставува важен чекор во подготовките за ‘Скопје 2028 – Европска престолнина на културата’ и има за цел посилна институционална координација во развојот и промоцијата на културните и туристичките потенцијали на градот“, соопштија од Град Скопје.
Од таму додаваат дека со соработката се предвидува поголема видливост на културно-историските локалитети, подобрување на условите за посетителите и развој на нови културни содржини, со што Скопје ќе се позиционира како современ, отворен и автентичен европски културен центар.
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, вели дека унапредувањето на културата и туризмот во Скопје е негов приоритет.
„Денес, заедно со министерот за култура и туризам Зоран Љутков, потпишавме Меморандум за соработка со кој отвораме ново поглавје во институционалната соработка за развој на културата, туризмот и културно-туристичката понуда во Скопје. Овој документ е важен чекор кон посилно позиционирање на Скопје како отворен, гостопримлив, културно жив и автентичен европски град. Скопје 2028 – Европска престолнина на културата е процес на вистинска трансформација на градот. Процес во кој ќе ја зачуваме нашата традиција, ќе го афирмираме културното наследство, ќе ја оживееме урбаната меморија и ќе создадеме нови содржини кои ќе бидат препознатливи и за домашните и за странските посетители“, објави Ѓорѓиевски на „Фејсбук“.
Тој појасни дека со оваа соработка ќе се работи на поголема видливост на културно-историските локалитети, туристичките атракции и јавните културни простори, но и на подобри услови за информирање, престој и ориентација на посетителите во нашиот град.
„Скопје има огромен потенцијал. И како град на културата, и како град на туризмот, и како град на средби, приказни, традиција и современа енергија. Продолжуваме посветено да го градиме Скопје како културен центар на Македонија и достоинствена Европска престолнина на културата во 2028 година“, вели скопскиот градоначалник.











