Кузеска: Стоилковиќ отворено работи за кинеска и руска агенда

Макфакс

27/05/2026

12:20

161

Големина на фонт

а а а

Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, обвини дека вицепремиерот Иван Стоилковиќ отворено го поддржува кинеското и руското влијание со цел блокирање на европскиот пат на Македонија, нагласувајќи дека ваквите дејствија се во спротивност со стратешките интереси на земјата и нејзината евроатлантска интеграција.

Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, обвини дека вицепремиерот Иван Стоилковиќ, отворено работи за кинеска и руска агенда со цел блокирање на европскиот пат на Македонија.

„Најблискиот соработник на Мицкоски и втор човек во владата, отворено повикува на стратешка соработка со Кина. По години застапување на српски и руски интереси, сега Стоилковиќ стратешки удри и на стратешкиот партнер на Македонија – Соединетите Американски Држави. Сè што прават – од организирање митинг за поддршка на Вучиќ во Куманово заедно со Мицкоски, преку состаноци со Милош Вучевиќ во Скопје, до патувањето во Кина заедно со делегацијата на сестринската пaртија на ВМРО – СНС и Вучиќ, кој доби висок орден лично од Си Џинпинг за заслугите во блокирањето на европскиот пат – има една цел: блокирање на европскиот пат на Македонија“, вели Кузеска.

Таа обвини дека по кинескиот кредит од една милијарда евра, што Мицкоски го земал преку Орбан, и кои никој не знае за што се потрошени, продолжува антиевропското делување на ВМРО и нивната криминална група.

„Освен уредникот на Орбановите медиуми – Латас, уште еден соработник на српските служби и прв човек на Мицкоски за антиевропска пропаганда, сега Стоилковиќ јавно удри врз стратешките интереси на Македонија. Во новиот стратешки документ на Стејт департментот јасно се нагласува дека Кина и Русија се малигни актери кои активно се обидуваат да ја искористат нестабилноста, корупцијата и слабата управуваност во Западен Балкан за да го прошират своето влијание. Додека вицепремиерот на Македонија отворено промовира кинеска соработка и патува со Вучиќ, САД јасно гледаат во Кина и Русија закана за стабилноста и евроатлантската интеграција на регионот. Ова е свесна политика на Мицкоски и неговата криминална група – да ја држат Македонија далеку од ЕУ, а поблиску до авторитарни сили и источни влијанија“, рече Кузеска.