Лима е прогласена за најдобар град во светот за храна во 2026 година според новата листа на списанието „Тајм аут“, која е составена врз основа на мислењата на 24.000 жители од 150 градови низ целиот свет. На листата се наоѓаат Бангкок, Мексико Сити, Лондон и Барселона, додека Њујорк е најдобро рангиран американски град.
Кога планирате патување, сè се сведува на она што нуди градот.Некои посетители го користат целиот ден за да истражуваат историски места или да пешачат до видиковци со спектакуларен поглед, пишува Си-ен-ен.
Но, други имаат само едно на ум – менија. Запознавањето на градот преку неговата храна ви овозможува буквално да го вкусите. А одлуката за тоа каде да патувате за да ги задоволите вашите гастрономски желби стана полесна оваа година. Порталот „Тајм аут“ објави листа на најдобри градови во светот за храна.

Лима во Перу го освои првото место. Овој крајбрежен град кој се смета за гастрономска престолнина на Латинска Америка е познат по специјалитети од морска храна како што се севиче и кауса лимење, елегантно ладно јадење направено од компири во слоеви.
За оние кои сакаат да јадат добро без да трошат многу пари, Лима е оценета и како најприфатлив град за излегување во ресторани меѓу 20-те градови на листата.

Вирџинија Гил, уредничка за САД во „Тајм аут“, рекла дека градот е познат по својата храна многу повеќе од место со добри ресторани.
„Градовите на оваа листа се познати по своите состојки, култни јадења и длабоко вкоренета гастрономска историја што влијаела на начинот на кој луѓето ширум светот јадат“, изјавила Гил за Си-ен-ен.

„Ова не се само места каде што гурманите се собираат денес, туку градови кои со децении привлекуваат патници во потрага по одлично јадење“, додала таа.
За да добие појасна слика за омилените градови на гурманите, „Тајм аут“ анкетирал 24.000 жители во 150 градови низ целиот свет. Испитаниците го оцениле квалитетот на рестораните и храната, прифатливоста на цените и гастрономската култура на градот. Уредниците на „Тајм аут“ и експертите за храна ги анализирале резултатите и ги вклучиле само највисоко рангираните градови од секоја земја.

На второ место, втора година по ред е Бангкок во Тајланд, кој според „Тајм аут“ нуди „ненадмината култура на улична храна“. Гастрономската авантура во овој град се состои од слатки, зачинети, кисели и солени вкусови на познати јадења кои често чинат помалку од пет долари.
Мексико Сити го освои третото место благодарение на својата разновидна гастрономска сцена која вклучува ресторани со Мишелин ѕвезди и локални пазари за улична храна. Така, познатото тако ал пастор, подготвено со свинско месо и ананас, дури доби и свој „тако коридор“ на улицата Лоренцо Ботурини, во должина од 12 блока во источниот дел од градот.
На четврто место е Лондон, кој се смета за еден од градовите со најразновидна гастрономска понуда во светот. Таму можат да се најдат речиси сите кујни во светот на едно место. Лондон доби највисоки оценки за квалитет на рестораните меѓу локалните жители. Пазарот Бороу, за кој се верува дека е најстариот пазар за храна во градот и датира од 12 век, се смета за дестинација што туристите мора да ја посетат.

Најдобрите пет места ги заокружува Барселона, Шпанија, чија гастрономска сцена е силно обликувана од нејзината медитеранска историја. „Тајм аут“ ги истакнува локалните пазари и каталонските традиции што го прават овој град еден од најдобрите за љубителите на храна. Меѓу специјалитетите што треба да се пробаат се па амб томаке (леб со домати) и пататас бравас.
Гил рекла додека ги анализирала податоците, забележала заедничка нишка – вистинска љубов кон храната.
„Секое место има своја единствена историја – миграциски текови што доведоа до појава на нови јадења, домородни состојки што го обликуваат гастрономскиот идентитет и кулинарски традиции што сè уште влијаат на начинот на исхрана на луѓето“, рекла таа.

Највисоко рангираниот град од Соединетите Американски Држави е на 15-то место – Њујорк. „Тајм аут“ ја истакнува врската помеѓу кулинарската сцена во Њујорк и неговата богата историја на имиграција. Благодарение на различните кујни што ги донеле имигрантите од целиот свет, градот е познат по некои од најдобрите пици, ѓевреци, пастрами и многу други специјалитети.
Најдобри градови за храна според „Тајм аут“ за 2026 година:
🍽️Лима, Перу
🍽️Бангкок, Тајланд
🍽️Мексико Сити, Мексико
🍽️Лондон, Обединето Кралство
🍽️Барселона, Шпанија
🍽️Хо Ши Мин, Виетнам
🍽️Мелбурн, Австралија
🍽️Пекинг, Кина
🍽️Атина, Грција
🍽️Лисабон, Португалија
🍽️Кејптаун, Јужна Африка
🍽️Осака, Јапонија
🍽️Бангалор, Индија
🍽️Неапол, Италија
🍽️Њујорк, САД
🍽️Хонгконг
🍽️Буенос Аирес, Аргентина
🍽️Марсеј, Франција
🍽️Копенхаген, Данска
🍽️Меделин, Колумбија.











