Најскапата пиперка во светот расте во мал град во Босна и Херцеговина: „Еден килограм чини околу 20.000 долари“

Супермен

09/06/2026

16:31

686

Големина на фонт

а а а

Весна Бошњак од Усора одгледува десетици необични сорти зеленчук, зачински билки и овошје во своите пластеници, меѓу кои се издвојува пиперката аџи чарапита, која се нарекува најскапа пиперка во светот.

Станува збор за дива перуанска сорта со мали жолти плодови што може да достигне екстремно висока цена на светскиот пазар. Весна, која живее во населбата Оманска, се опишува себеси повеќе како колекционерка отколку како традиционална земјоделка. На својот имот, таа одгледува бројни ретки сорти домати, пиперки и други култури што не се гледаат често во Босна и Херцеговина. „Моментално ги отстранувам заперките (филизите) од најскапата пиперка во светот – аџи чарапита, дива перуанска пиперка со мали жолти плодови“, изјавила Весна Бошњак за „bhrt.ba.“


Оваа јужноамериканска сорта е позната по својата висока цена, особено кога се продава во сушена форма. „На американскиот пазар, килограм сушена аџи чарапита чини околу 20.000 долари. Главно се користи за декоративни цели, секако е јадлива, но така најчесто се користи во елитни ресторани. За жал, немам пазар за неа по таа цена, за што многу ми е жал. Инаку не би одгледувала малини или боровинки“, истакнала Весна. Покрај пиперките, во нејзините пластеници растат и голем број сорти домати кои не се вообичаени во домашното одгледување. Мароканско нане, мечкина шепа, џиновско воловско срце и тајната на бабушката се само некои од културите што можат да се најдат на нејзиниот имот. Весна претежно го преработува она што го произведува.


Како што рекла повеќе не го знае точниот број на сето она што го одгледува. „Не знам, не би можела баш сè да набројам. Има 70 до 80 видови пиперки и повеќе од 230 видови домати. Веќе не ги бројам. Сакам да имам егзотични сорти, сешто – од билки до зеленчук и овошје“, раскажала Весна. Нејзиниот имот се наоѓа во усорската населба Омањска, место од кое многу млади луѓе се иселиле во потрага по работа во странство.


Токму поради недостатокот на работна сила таа нема планови да го прошири производството. „Порано, сето ова беше под малини, четири хектари беа под малини. Но, со оглед на тоа што нема работна сила, правам колку што можам. Имам два пластеници, еден хектар малини, сто грмушки од боровинки, плус овие ситници на грмушките и тоа е тоа“, објаснила таа.


Весна првенствено произведува за своето семејство, а еден дел од бербата ја продава на куќниот праг, на земјоделски саеми и преку социјалните мрежи. Сепак, истакнала дека малите производители тешко се справуваат со бројни проблеми, особено кога нема помош од властите.


„Земјоделецот нема никаква поддршка, ниту малите ниту големите, многу малку. Прво, не сме обесштетени. Во сезоната 2024/2025, два од моите пластеници беа уништени. Општината дури и не прогласи природна катастрофа, а камоли некој да ве праша дали ви е потребна некаква поддршка. Што повеќе да кажам“, нагласила Весна.


И покрај проблемите со кои се соочуваат домашните производители, Весна и оваа година се подготвува за преработка на новата берба. На нејзиниот имот и понатаму ќе се одгледуваат стандардни култури, но и ретки сорти што ги прават нејзините пластеници поинакви од повеќето други.


Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk