Помина речиси година дена откако беше официјално претставен суперлуксузниот концепт Mercedes-Maybach 6, а на претстојниот Concours d'Elegance во калифорнискиот Пебл Бич германскиот производител пристига со уште еден ексклузивен автомобил.
Mercedes објави нов видео запис со којшто ја заскокотка фантазијата на љубителите на луксузни автомобили. Се верува дека возилото чијшто идентитет се' уште не е соопштен е всушност суперлуксузен кабриолет Mercedes-Maybach 6 Convertible, којшто се надоврзува на минатогодишното ексклузивно купе.
За разлика од купе концептот од 2016-та година, којшто беше бојадисан во специјална нијанса на црвената боја, новиот автомобил под логото на Maybach пристига во сина боја. А димензиите и пропорциите би требало да бидат слични како и кај купе моделот чијашто должина изнесуваше околу 6 метри.
Видео записот го открива и дизајнот на управувачот, како и дел од инструмент таблата, коишто исто така наликуваат на оние од кабината на минатогодишниот Mercedes-Maybach 6. Се очекува дека и погонскиот агрегат ќе биде преземен од споменатото купе. Во тој случај, автомобилот би го придвижувале 4 електромотори со вкупна снага од 750 КС, а од 0 до 100 километри на час ова возило би забрзувало за околу 4 секунди.
A повеќе детали ќе бидат познати во текот на следните денови, со оглед на фактот дека премиерата е најавена за 17-ти август.