Името „маратонско судење“ за 27 април го смислија адвокатите на обвинетите, соопшти кривичниот суд

Макфакс

23/09/2018

17:13

1.421

Големина на фонт

а а а

Заради зачестените обвинувања од страна на бранителите на обвинетите во предметот поврзан со настаните од 27 – ми април во Собранието, дека судот не им овозможува услови квалитетно да ја подготват одбраната, поради долготрајноста на судењето, судот информира дека правото на судење во разумен рок е едно од фундаменталните правила и принципи утврдени со Европската конвенција за човекови права.

,,Впрочем поголем дел од пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбург, кои Република Македонија ги загубила, се однесуваат на судење во неразумен рок односно непотребно одолговлекување на постапките и пасивност на правосудните органи со што директно се нарушуваат основните права и слободи на странките во постапките.

„Маратонското судење“ како што во последно време се квалификуваа овој процес е исклучива креација на дел од одбраната во овој предмет, за разлика од судот чија интенција е навремено и квалитетно водење на судската постапка, со целосно почитување на правата на странките, и донесување мериторна одлука за утврдување на фактичката состојба за конкретниот настан, што е од интерес и на целокупната јавност”, соопшти Основен суд Скопје 1.

Според кривичниот суд, опструкциите кои доаѓаат од дел од адвокатите во овој предмет може да ја „извртат“ реалната слика за судењето. Стручната јавност и претставниците на медиумите кои го следат судењето се сведоци дека процесот долго трае бидејќи поголем дел од поставените прашања од некои бранители или нивните штитеници не се вкрстени, се претходно одбиени или се повторуваат, односно не се во согласност со одредбите од ЗКП. Се поднесуваат барања за изземање на претседателот на судечкиот совет за кои и на самите адвокати им е јасно дека се неиздржани, но заради доследно почитување на Законот, се прават дополнителни паузи на судењата за да се одлучи по истите барања.

,,Од друга страна судот вложува напори се со цел почитување на правата на обвинетите кои се во притвор, па за време на судењето се прават дополнителни паузи за ручек. Доколку некој од странките има здравствени проблеми судот е должен да повика медицинска помош, што впрочем и беше случај на две главни расправи при што првата беше одложена, а на обвинетиот му беше овозможен целосен преглед на Клиниката за кардиологија.

Со оглед да поголем дел од бранителите во овој предмет имат обврски и во други предмети, судот за конкретното судење насрочи рочишта за во наредните 4 месец, се со цел да им овозможи на бранителите навреме да го усогласат својот распоред за работа или доколку е потребно да назначат нивна замена со цел на своите клинети да им обезбедат квалитетна одбрана”, велат од судот.

Во соопштението се додава дека дополнително адвокатите кои најчесто имаат замерки за водењето на овој предмет мора да имаат во предвид дека освен нивните штитеници, со конкретниот предмет опфатени се и обвинети кои издржуваат мерка притвор и кои е во нивен интерес постапката да се води ефективно и навремено.

Судот ја информира јавноста дека повреда на членот 6 од ЕКЗП е возможно само доколку странките во постапката немаат ист третман. Ова е од голема важност бидејќи тенденциозните критиките кон судот , не аргументирано доаѓаат само од едната странка во постапката. Имено од известувањата на медиумите, кои го следат секој момент од судењето, евидентно е дека на ниедна од странките досега не и е ускратено ниту еден од законски утврдените права, а сетоа тоа во правец за доследно почитување на принципот на еднаквост на оружјата, утврдување на материјалната вистина, транспарентно водење на постапката и поичитување на човековите права, е ставот на кривичниот суд.



Спонзорирани линкови

Маркетинг