Глобален скандал: Голема европска банка испрала 150 милијарди долари во САД?

Точка

19/11/2018

20:59

4.450

Големина на фонт

а а а

Сврикачот кој открил дека "Danske bank" била вклучена во наводно перење на пари, изјавил денес дека една голема европска банка помогнала во вршење на сомнителни трансакции во вредност од 150 милијарди долари, во што, како што тврди, биле вмешани и две американски банки.

Трансакциите, во вкупна вредност од 200 милијарди евра, биле реализирани преку помали филијали на "Danske bank" во Естонија во периодот од 2007. до 2015. година, и предизвикале отворање на истраги во Данска, Естонија, Британија и САД во растечкиот глобален скандал, потсетува "Reuters". 

Свиркачот Хауард Вилкинсон, поранешен директор на филијалата на "Danske bank" во Талин, на сведочењето пред данскиот парламент рекол дека уште неколку кредитори учествувале во тие трансакции реализирани преку естонски филијали, и дека меѓу нив се и две големи американски банки и филијали на една голема европска банка во САД.

"Претпоставувам дека 150 милијарди долари минале низ таа конкретна банка во САД", изјавил овој Британец, без да го открие името на таа банка.

"Никој навистина не знае каде завршиле парите. Се што знаеме е дека последен пат ги виделе луѓето на тие три големи банки во САД. Тие биле последниот контролен пункт, и кога контролата ослабела, парите влегле во глобалниот финансиски систем", изјавил тој.

"Danske bank" преку естонските филијали го користела глобалното присуство на "Danske bank", "JP Morgan Chase" и "Bank of America", за во име на своите клиенти, странските валути ги конвертира во американски долари од 2007. до 2015. година, тврдат неименувани извори за "Reuters".

"Deutsche Bank" и "JP Morgan" одбиле да ги коментираат овие тврдења, додека во "Bank of America" не биле веднаш достапни за коментар.

Вилкинсон, кој во парламентот рекол и дека "Danske bank" му понудила пари во замена за молчење, не очекува дека истрагата во овој случај ќе оди некаде.

"Еве сме на крајот на 2018. година, а разговараме за валкани пари од периодот од 2007. до 2015. година. Нема никакви шанси да им се влезе во траг на тие пари и некој криминалец да изгуби ниту цент", заклучил тој.



Спонзорирани линкови

Маркетинг