Сведочење на Заев: Се плашев дека ќе ме убијат, но тие немаа доволно храброст...

Точка

11/11/2019

14:19

5.348

Големина на фонт

а а а

Премиерот Зоран Заев денес повторно како сведок се појави во Кривичниот суд во Скопје во рамките на процесот за настаните на 27-ми април во Собранието на Македонија.

Вработен во затворот Идризово кој учествуваше во насилствата во Собранието денес му е извини на Зоран Заев, тврдејќи дека бил изманипулиран.

„Им се извинувам на премиерот и на сите загрозени во Собранието на 27-ми април. Бев изманипулиран, јас не удирав, таму бев само неколку минути. Имам две малолетни деца премиере“, изјави Илија Петрушевски обвинет за грубо насилство и веќе осуден за нанесување на тешка телесна повреда.

Заев му порача дека тој лично нема да бара отштета од него, но му порача на Петрушевски дека таа вечер на 27-ми април 2017-та година можеле и други деца да останат без својот родител.

„Нѐ маваа со секаков вид предмети што ги носеа со себе, или користеа маси, столици, сталаци од камерите, кабли и други видови предмети. Цело време се слушаше: „Убијте го Заев, убијте ги пратениците, скини му ја главата“. Нѐ тепаа со тврдите предмети, но и со тупаници и клоци. Имавме расекотини, рани, модрици по цело тело, особено по екстремитетите“, сведочеше премиерот Заев, а потоа призна дека почувствувал страв дека ќе биде убиен.

„Во тој момент очекував во секоја секунда да го изгубам животот, зашто во очите на насилниците чувствував решеност да одзедат живот и да не престанат додека тоа не се случи. Имавме среќа тие 2 часа и повеќе што останавме живи и што насилниците немаа доволно храброст да го дозавршат тоа што беа го наумиле. Бидејќи, ние се браневме, а со нас беа и службени лица кои ме обезбедуваа мене, но и тогашниот технички министер за внатрешни работи кои ги заложија своите животи за да не заштитат нас. Чувствував страв, животот ми беше загрозен. Чувствував дека со секој удар застанува животот“, изјави Зоран Заев, пренесува „СДК“.



Спонзорирани линкови

Маркетинг