Илина Арсова: Пред самото тргнување накај Чиле се сруши воен авион и загинаа сите 37 луѓе

Точка

06/01/2020

12:47

5.801

Големина на фонт

а а а

Да се застане на највисокиот врв на Антарктикот е мошне сериозен предизвик: психо-физичка подготовка, облека, храна, правила кои треба да бидат испочитувани, надминување на кризи, прилагодување на температури нетипични за нашето поднебје... Но, искачувањето на 7-те на 27-ми декември за Илина Арсова е предизвик за кој се подготвувала изминатите 10 години.

Позади нејзината цел стојат семејството, колегите-планинари, поддржувачи на планинарењето и нејзе како најуспешна кај нас, но и една од најуспешните во светот. Па, така 2019-та има по што да ја памети и таа, но и ние можеме слободно да се гордееме со неа. 

Каква опрема носеше и како се подготвуваше?

- Ја носев речиси целата опрема од искачувањето на Еверест 2013 плус и некои нови делови опрема кои тогаш ги позајмував но мораше да ги обезбедам за ова патување. Тоа е специфична опрема која кај нас е тешко да се набави: добра вреќа за спиење, подметач, перјана јакна и панталони, заштита од ветер, добар долен слој облека кој брзо се суши. Поентата е никогаш да не сме испотени затоа се носи повеќе слојна облека која брзо се суши. Секој од нас носеше лична и дел од групната опрема за експедицијата како што се шатори, кујна, опрема за готвење и тн.


 Што јадеше?

- Имавме организиран кујнски шатор каде подготвувавме храна и барем еден до два топлли оброци во денот. Останата храна се закуски и нешто што носиме во џебот за да може да каснеме додека сме во движење од еден кон друг камп. Битно е да се внесуваат доволно течности и секаква течна храна.


Какви беа временските услови?

- Сега на Антарктикот е лето, температурите на глечер може да варираат од +5 до -25 во подолните делови и до -45 на врвот. Постојано е ден што го отежнува одморот во часовите предвидени за спиење. Сонцето прави мали кругови над нас и се сокрива позади планините само мал период на пример од 3 -6 наутро кога и температурите драстично паѓаат. За време на искачување на врвот имавме стабилно сончево време, во доста студен ден со температури до -35 - 40 степени и многу малку ветер, што беше одлично.


Имаше ли кризи?

- Единствениот момент би рекла беше пред самото тргнување накај Чиле кога се сруши еден чилеански воен авион кон Антарктикот и загинаа сите 37 луѓе во него. Тоа нормално роди непријатни чувства но и доста ја искомплицира нашата програма заради зголемени мерки на безбедност. Резултатот е ланчана реакција на чувство на сомнеж, скептичност и извесен страв кој речиси во целост исчезна кога го допревме Поларното копно. Се до крајот имав доза на неизвесност најмногу заради ниските температури со кои не секогаш имав добро искуство, но овој пат изненадувачки добро поминав.


Колку е битна меѓусебната поддршка со останатите од експедицијата?

-Најбитна, би рекла. Многу е важно да има добра меѓусебна комуникација и разбирање во тимот. Имав среќа да делам шатор со украинката Оксана Литинска, со која бевме супер тим и заедно ги завршивме 7-те врвови.

Што е битно при вакви искачувања, има ли правила?

-Секако дека има. Многу е битна хидратацијата и пиење на доволно течности. Секој член треба да може да се грижи за себеси и своето психо- физичко здравје без да претставува терет на другите. Има правило во транспорт на опрема, секој член добива и дел од групната опрема која ја транспортираме на санки и во ранец. Исто така има и строги правила во однос на заштита на природата, строго определени места каде смее да се уринира, додека изметот во кесички налик на оние за кучињата во паркот, си го носиме со себе.


Кога беше најтешко?

- Денот кон врвот е доста долг и напорен заради надморската висина која иако е само 4892 метри со својата екстремно јужна поставеност и дава на оваа планина карактеристики како на повисоките хималајски врвови или оние на Алjаска кои се високи околу 6000м.


Прва мисла кoга стапна на врвот?

- Искрено ме понесе чувството на исполнетост и радост по завршување на овој подвиг кому сум посветена речиси десет години наназад. Си помислив на најблиските, колку ли ќе се израдуваат затоа што и тие се на некој начин дел од целото патешествие. Исто така не ги заборавив и оние кои финансиски и логистички ми помогнаа за да стигнам до таму, а тоа беше Агенцијата за Млади и спорт, Федерацијата за планинарски спортови, Федерацијата за спортско качување, спонзорите и независните донатори кои ја поткрепија експедицијата: Фармахем, ЕВН, STIG, Burton, Вертикал спорт, Кинезика, Ге Натурал и други.


Што после ова?

- Ќе видиме, на срце ми лежат неколку врвови кои ме привлекуваат по својата форма и местоположба. Иако не се дел од листата на 7, тие се можеби и потешки за искачување за што треба и соодветна подготовка. Како и да е Антарктикот сериозно ме инспирираше и во ликовното творештво така што сигурна сум дека ќе следи некоја изложба со многу бела боја. Но, пред се, наскоро следи прес и презентација од искачувањето каде сте сите поканети да почуствувате барем мал дел од оваа магична убавина.

(А.В)



Спонзорирани линкови

Маркетинг