На Антарктикот измерени повеќе од 20 Целзиусови степени, научниците загрижени

Точка

13/02/2020

20:25

1.683

Големина на фонт

а а а

Откако минатата недела беше измерена највисоката температура во историјата на Антарктикот – 18,3 Целзиусови степени, следело ново изненадување за научниците.

Имено, само два дена подоцна, на 9-ти февруари, на островот Сејмор биле измерени 20,75 Целзиусови степени. Ова е првпат во историјата да е измерена толку висока температура на Јужниот пол. 

Научниците ги сметаат ваквите податоци за неверојатни и абнормални, пишува “The Guardian”.


“Гледаме тренд на затоплување на многу подрачја кои ги набљудуваме, но вакво нешто не сме виделе никогаш претходно”, изјавил Карлос Шефер кој работи на проект на бразилската влада за глобалното затоплување на 23 подрачја на Антарктикот.

Кога на Антарктикот би се стопил целиот лед, нивото на морињата би пораснало од 50 до 60 метри. Меѓутоа, за да дојде до тоа се потребни многу години, но научниците на Обединетите Нации предвидуваат дека до крајот на овој век, нивото на океаните би пораснало од 30 до 110 центиметри.

По минатонеделната температура од 18,3 Целзиусови степени, реагирала и Светската здравствена организација.

“Ова не е вредност која инаку би ја поврзале со Антарктикот, дури и на лето. Со неа е соборен рекордот од 17,5 Целзиусови степени од 2015 година”, изјавила гласноговорничката на СЗО, Клер Нулис, во Женева.


“Антарктикот е еден од деловите на планетата кои најбрзо се загреваат”, предупредила таа.

Научниците веруваат дека глобалното затоплување предизвикува топење на толку лед на Јужниот пол што големата ледена плоча е на пат да се распадне. Тоа низ вековите би можело да доведе до подигнување на глобалното ниво на морињата за најмалку 3 метри.

“Количината на лед која годишно се губи од антарктичката ледена плоча се зголемила 6 пати од 1979 до 2017 година”, истакнала Нулис и додала дека фотографиите покажуваат пукнатини во ледниците на континентот.

“Топењето на ледот значи дека сме во големи проблеми кога станува збор за растот на нивото на морињата”, додала гласноговорничката на СЗО.



Спонзорирани линкови

Маркетинг