Најмалку 37 загинати во протестите во Уганда

Макфакс

20/11/2020

15:42

817

Големина на фонт

а а а

Најмалку 37 лица загинаа и стотици се приведени во немирите во Уганда, кои избувнаа по апсењето на претседателскиот кандидат и поп-sвезда Боби Вајн, соопшти полицијата, додека источноафриканската држава се подготвува за избори во јануари.

Властите распоредија војници во главниот град Кампала и околните области за да ѝ помогнат на полицијата да ги растера демонстрантите. Притоа користеле вистински куршуми, солзавец и водни топови за да ги смират нередите.

Вајн, чие вистинско име е Роберт Кјагулани, е уапсен во средата додека водел кампања во источна Уганда поради наводно одржување масовни митинзи со кои ги крши ограничувањата за собирање што ги донела владата со цел да се сузбие коронавирусот.

„Досега се пронајдени 37 тела“, изјави за „Ројтерс“ полицискиот патолог Мозес Бјаруханг.

Портпаролот на полицијата, Фред Енанга, изјави дека приведените демонстранти биле вклучени во насилства и напади врз луѓе што не ја поддржуваат Платформата на националното единство на Вајн (НУП).

„Во последните денови сведоци сме на насилство, вандализам, кражба, заплашување и закани, злосторства извршени врз луѓе што не се за НУП. Не можеме да го толерираме тоа”, рече тој.