Многумина се прашуваат дали ова е иднината на тјунингот.
Ако е, тогаш тоа носи некои сосема нови правила. Тјунерите се префрлаат на електрични автомобили, а тоа во превод значи дека некои би можеле да ги заклучат вратите. Имено, просторот за тјунинг овде е ограничен, особено кога станува збор за погонот.
„Brabus“ сепак покажува како тоа може да се направи, и тоа на „Mercedes EQS 450“, еден од технолошки најнапредните електрични автомобили на денешницата.
Интересно е што „Brabus“ прво решил да ја подобри аеродинамиката, и тоа на автомобил кој има најнизок коефициент на отпор на воздухот помеѓу сериските автомобили (Cd = 0,20).
И успеал во тоа, а подобрувањето е 7,2 отсто.
Сите нови делови се изработени од јаглеродни влакна, а вклучуваат специјални дефлектори и нови додатоци за спојлерот и задниот дифузер.
Од „Brabus“ велат дека при брзини од 100 до 140 км/ч., автономијата на возењето ќе се зголеми за околу 7 отсто, односно за околу 50 километри.
Тјунингот вклучува и вградување на „Monoblock“ тркала со дијаметар до 22 инчи, доработка на воздушната суспензија како и персонализиран ентериер.
За потсетување, „EQS 450+“ произведува 245 kW (и 568 Nm), а потрошувачката по „WLTP“ изнесува 20,4-15,7 kWh/100 км. Од 0-100 км/ч. стигнува за 6,2 секунди, а цената на основната верзија е околу 115.000 евра.