Оргиналната уметност е културното богатство на еден народ- изложба на Горан Боев по повод светскиот ден на музеите

Точка

17/05/2023

14:18

1.738

Големина на фонт

а а а

Академскиот сликар Горан Боев на 18 мај 2023 во 13:00 часот ја отвора својата изложба во Винскиот Музеј Кавадарци, на која ќе ги претстави своите најнови ликовни дела.

Во главно масла на платно создадени изминатиов период, кои ги карактеризира силна експресија и емоција, во кои уметникот експериментира со боите и концептите, за да создаде интензивни дела кои оставаат силен впечаток кај публиката.


Во дел од делата силно се наметнуваат вековните интереси на луѓето од овој регион, колоритот и етнографијата на повардарието, љубовта кон виното, природата, добрината и мекоста на луѓето од овој крај, и секако безвременската убавина на жените од Македонија.

Се‘ на овој свет брзо поминува, но убавината и безвременоста на ликовните дело на Боев ќе останат за вечноста! Како кавадарчани сме исклучително горди што имаме сограѓанин како Горан Боев, уметник кој со својата креативност, неуморна творба создава дела кои имаат светска вредност, истакнаа од општина Кавадарци кои се и организатори на оваа изложба.


Автентичната оригинална уметност претставува културно богатство на еден народ. Такви се и делата на Боев, во нив се чувствува енергијата и топлината на македонскиот народ, човечноста на нашите луѓе и убавината на нашите предели, на нивната безгрижност, емпатија и оптимизам. Токму оптимизмот, природноста и спонтаноста на неговите дела будат ново искуство кај секого кој ќе се сретне со неговите уметнички дела.

Боев, вели дека уметничкото дело, еднаш изведено од раката на уметникот, продолжува да егзистира самото по себе и да сведочи за својата вредност, оставајќи му простор на рецепиентот самиот да ја дешифрира идејата, ја поттикнува неговата имагинација и желба самиот да го осознае нејзиното значење, притоа создавајќи мистичност, што придонесува кон уште поголема привлечност и взаемен флуид.