Правните застапници на Јувентус стигнале до договор за спогодбено решавање на случајот во кој клубот е обвинет за нелегално исплаќање на платите на фудбалерите за време на ковид кризата и одлуката на обвинителот на Италијанската фудбалска федерација ќе биде позната денеска.
Претходно најавен за 15-ти јуни, процесот по кој ќе биде позната казната е најавен за денеска, по што Јувентус и официјално ќе дознае каква ќе биде казната за вториот и последен случај кој против клубот го зачна обвинителството на федерацијата.
Спогодбата значи дека Јувентус ќе ја признае вината за да добие помала спортска казна и веројатно ќе плати поголема парична сума како дел од договорот со обвинителите.
И за овој случај е можно да им бидат одземени дополнителни поени на „бјанконерите“, но она што е позитивно за екипата и фудбалерите е дека нема да бидат под ризик за нова казна која би се однесувала на следната сезона.
Јувентус индиректно најави дека нема да испрати жалба за одземените десет бодови за случајот со вештачко зголемување на трансфер сумите на одредени фудбалери.