Нетфликс има нов апокалиптичен филм во кој Обама одигра клучна улога

Точка

29/09/2023

10:15

3.775

Големина на фонт

а а а

Долгоочекуваниот одмор на Аманда и Клеј со нивните деца тинејџери е прекинат со доаѓањето на сопственикот на куќата што ја изнајмувале во руралниот дел на Лонг Ајленд. Средовечниот сопственик и неговата ќерка решиле да го напуштат градот по прекинот на струја каков што досега не доживеале и за кој не ја знаеле причината.

Гостите и сопствениците неволно почнуваат да делат голема, совршено уредена куќа со базен. Изнајмувачите се отмени и бели, сопствениците се отмени и црни.

Наскоро престануваат да работат интернетот, телевизијата и радиото, а потоа и фиксниот телефон и сите извори на информации. Додека невообичаените звучни удари го нарушуваат мирот во изолацијата, а животните почнуваат да се однесуваат чудно и масовно мигрираат, физичкото и менталното здравје на сите актери во приказната почнува да се распаѓа.


Ова е кратката содржина на филмот „Остави го светот зад себе“(Leave the World Behind), во режија на Сем Есмаил, кој го напиша и сценариото според истоимената книга на Румаан Алам за почетокот на апокалипсата. Алам е американски писател со корени од Бангладеш. Филмот во кој главните улоги ги толкуваат Џулија Робертс, Итан Хок, Махершала Али и Михала Херолд, премиерно ќе биде прикажан во кината во ноември, а на Нетфликс ќе пристигне во декември.

Како што беше напишано, „Netflix“ успеа да ги победи „Apple TV“ и „MGM“ и уште седум други понудувачи во жестока конкуренција за правата за адаптација на книгата. Остави го светот зад себе го потпишува и продукциската куќа „Higher Ground“, која ја основаа поранешниот американски претседател Барак Обама и неговата сопруга Мишел, а ова воедно е и нивниот прв проект од ваков вид. И поранешниот претседател одиграл важна улога во неговото создавање.

„Претседателот Обама малку ме приземји“

„Во првите нацрти на сценариото, дефинитивно се обидов да ги турнам работите многу подалеку од она како заврши во филмот. Претседателот Обама малку ме приземји. Ми објасни како некои работи навистина може да се одвиваат во реалноста“, изјавил Есмаил за „Vanity Fair“.

„Во мојата работа се занимавам со фикција, но се трудам да имам врска со реалниот живот, иако претерувам и драматизирам. Кога ќе слушнете од поранешниот претседател дека малку сте отстапиле со некои детали... помислив дека навистина претерувам. И фактот дека тоа ми е кажано од негова страна малку ме исплаши“, додал тој.


Режисерот и сценаристот не навлегува во премногу детали, но рекол дека Обама уште во првиот момент му кажал дека некои детали од заплетот на филмот се премногу песимистички за „визијата на продуцентската куќа“ и дека сака поголема емпатија во приказната.

„Имаше многу забелешки за ликовите и емпатијата што треба да ја чувствуваме кон нив. Морам да кажам дека човекот е голем љубител на филмови и не ми даваше само предлози за работи поврзани со неговата позадина, туку како некој на кој му се допадна книгата и сакаше филмот да биде навистина добар“, додал Есмаил, кој е најпознат по серијата „Mr. Robot“ со Рами Малек во главната улога.