Генерал Марк Мили денеска ја напушти својата позиција шеф на Здружениот стожер на американските сили бидејќи оди во пензија по мандатот одбележан со бројни кризи во странство, но и во САД.
На негово место доаѓа Чарлс Ц. К Браун, актуелен шеф на воздушните сили. По Колин Пауел во 90-тите години, тој ќе биде втор Афроамериканец кој ќе го преземе највисокото место во најмоќната војска на светот.
Откако ја преземал функцијата во октомври 2019-та година, се случувале криза по криза, без престан, рекол неодамна за „AFP“.
Заедно со министерот Лојд Остин, Мили ја организирал американската воена помош за Украина по руската инвазија.
Неговиот мандат го одбележа американскиот дебакл во Кабул, каде во август 2021-ва година талибанците повторно ја преземаа контролата над Авганистан и неговиот главен град на крајот од 2-децениската војна која дури и самиот Мили ја опишал како стратешки неуспех.
Генералот Мили исто така изразил жалење што бил присутен покрај Доналд Трамп кога претседателот ги растерал демонстрациите на движењето „BLM“ пред Белата куќа.
Неговиот наследник, Ц. К Браун, е искусен пилот со 3.000 часа лет, од кои 130 борбени. Бил командант на американските воздушни сили на Блискиот исток и на Пацификот.