[ФОТО] Куршум од калашњиков оставен пред вратата од домот на Таравари, МВР со детали

Нетпрес

05/02/2024

13:23

3.849

Големина на фонт

а а а

Куршум бил најден пред влезот на куќата во Гостивар во која живее гостиварскиот градоначалник и претседател на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари. Таравари тргнувал кон работното место кога го нашол куршумот пред својата куќа.

„Денеска во 9 часот и 34 минути Ј.Џ.(42) од Гостивар во СВР Тетово пријавил дека пред влезната врата од куќата на 50-годишниот гостиварец А.Т. во Гостивар било оставено, односно пронајдено зрно од автоматско оружје калибар 7, 62 милиметри.Екипа од СВР Тетово-ОВР Гостивар извршила комплетен увид, пронајденото зрно е фотодокументирано и подигнато за вештачење.Се расчистува и документира случајот“, соопшти портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифоски.


Во партијата која ја води Таравари врие и има раскол меѓу актуелниот лидер и поранешниот претседател Зијадин Села.

Синоќа претседателот на Собранието на Алијансата за Албанците Зијадин Села во партиското седиште во Тетово на прес-конференција посочи дека никој во партијата па и претседателот Таравари не смее да носи одлуки и дека статутот на партијата налага одлуките да ги носат телата.

„Поради тоа во сабота ќе го свикам највиското тело на партијата, кое ќе одлучува за одговорност на претседателот Таравари“, дополни синоќа Села.


Веднаш по прес-конференцијата на претседателот на Собранието на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, во партиското седиште во Тетово, се случи инцидент меѓу приврзаниците на Зиадин Села и тие на Арбен Таравари.

Настанот го потврди и полицијата.

- Вечерва во 19.40 часот во СВР-Тетово било пријавено дека во угостителски објект на улица ‘Маршал Тито’ во Тетово Дритон Небиу бил физички нападнат од К.О. од Тетово. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, информираа синоќа од СВР Тетово.

Небиу претходно застана против едностраната одлука на претседателот на АА, Арбен Таравари на претстојните избори да настапуваат во коалиција со албанската опозиција и синоќа го поддржа поранешниот лидер на партијата, Зијадин Села.