Утрово во 09:35 минути противпожарната бригада во Скопје примила дојава за пожар во ТЦ „Ист Гејт“, во Скопје.
Пожарот како што информираше за „Макфакс“ Звонко Томевски, командир на противпожарната бригада на Град Скопје, избувнал во делот кај рестораните на најгорниот кат во трговскиот центар.
Според Томевски, бил запален еден од вентилационите канали во ресторанот.
Екипите на противпожарната единица брзо реагирале а во моментов се работи на расчистување на последиците од пожарот, информира Томевски.
Според надлежните, повредени лица нема, а причинета е материјална штета која дополнително ќе се утврдува.
Со соопштение се огласија и од „Ист Гејт“:
Во врска со информацијата за пожар кој се случи денес во трговскиот центар Ист Гејт Мол во 9 часот и 30 минути, би сакале да Ве информираме дека техничките служби на трговскиот центар заедно со пожарникарските служби на терен го локализираа пожарот и навремено го спречија неговото ширење. Согласно утврдените процедури на трговскиот центар за ваков тип на ситуации беа активирани системите за заштита од пожар и вработените во трговскиот центар беа евакуирани.
Како резултат на навремената реакција на службите нема повредени лица ниту е причинета голема материјална штета.
Настанот се случи во време кога трговскиот центар се уште не е оперативен и нема посетители.
Во моментов се врши увид за причините од страна на надлежните органи.
По завршување на увидот, трговскиот центар ќе продолжи со работа со редовно работно време.
Фото: Прес24