Во Јапонија пет лица починале од суплементи

Макфакс

29/03/2024

11:23

1.107

Големина на фонт

а а а

Во неделата од почетокот на повлекувањето на серијата јапонски медицински додатоци, пет лица починаа, а повеќе од 100 лица досега се хоспитализирани, јавува Асошиејтед прес (АП).

Компанијата „Kobayashi Pharmaceuticals“ од Осака се најде на удар на критики бидејќи не излезе веднаш во јавноста со проблемите кои беа познати внатре во компанијата уште во јануари и првото јавно соопштение за тоа го објави дури на 22 март, пренесува медиумот.

Претставници на компанијата рекоа дека 114 лица биле лекувани во болниците откако ги земале производите, вклучително и „Benikoji choleste help“, која има за цел да го намали холестеролот и содржи состојка наречена беникоџи, еден вид црвена мувла.

На почетокот на неделава две лица починаа откако го земале производот. Некои луѓе развиле проблеми со бубрезите, но точната причина сè уште се истражува во соработка со владините лаборатории, рече производителот.

„Длабоко се извинуваме“, изјави денеска претседателот Акихиро Кобајаши на новинарите, пишува АП.

Тој изрази каење за загинатите и заболените, како и за нивните семејства.

Тој, исто така, се извини за проблемите предизвикани на целата индустрија за здрава храна и лекарската фела, додавајќи дека компанијата работи на спречување на дополнителни штети и подобрување на управувањето со кризи.

Производите на компанијата се отповикани – како и десетици други производи кои содржат беникоџи, вклучувајќи мисо паста, крекери и прелив со оцет.

Јапонското Министерство за здравство на својата официјална веб-страница објави список на сите повлечени производи, вклучувајќи ги и оние каде што беникоџи се користеше за бојадисување храна.



Спонзорирани линкови

Маркетинг