Започна наплатата за влез во Венеција, но не за сите туристи

Нетпрес

25/04/2024

11:42

570

Големина на фонт

а а а

Венеција денеска стана првиот град во светот кој воведе систем за билети за туристи, во обид да се намали гужвата што го задушува градот на каналите за време на шпицот на празничната сезона.

Секој посетител на Венеција кој нема да преноќи во градот мора да купи онлајн билет денес, 25 април, италијанскиот државен празник, кој чини пет евра, пред да влезе во градот на лагуната. Тоа е прв од вкупно 29 дена годинава кога на посетителите ќе им се наплаќа влез.

Иако нема бариери на влезовите во градот за да се осигураат дека сите луѓе имаат пропусници, инспекторите ќе вршат проверки по случаен избор и ќе наметнуваат казни од 50 до 300 евра за секој што нема да се регистрира.

„Никој досега не вовел ваков систем“, изјави градоначалникот на Венеција, Луиџи Бруњаро на новинарите претходно овој месец.

Тој изјави дека не го затвораат градот, туку само се обидуваат да го направат за живеење.

Околу 20 милиони луѓе ја посетија Венеција минатата година, рече Бруњаро, а околу половина од нив престојуваа во хотели или апартмани. Во градот моментално живеат околу 49 илјади луѓе.

Минатата година Венеција за малку избегна да биде ставена на листата на загрозено светско наследство на УНЕСКО, делумно затоа што телото на ОН заклучи дека властите на градот сериозно го сфаќаат проблемот со масовниот туризам.

Покрај влезната такса, градот забрани влез на големи бродови за крстарење во венецијанската лагуна и најави нови ограничувања за големината на туристичките групи.

Феноменот на масовен туризам е предизвик за сите европски туристички градови“, изјави претставникот на градскиот туризам Симон Вентурини. „Но, бидејќи Венеција е помала и почувствителна, таа е уште повеќе погодена од овој феномен и затоа е принудена да преземе мерки пред другите за да се обиде да најде решение“, додаде тој.

Продажбата на билети оваа година е во експериментална фаза, а Вентурини рече дека во иднина Венеција може да почне да наплаќа повеќе во одредени периоди од годината за да ги обесхрабри пристигнувањата на туристите.



Спонзорирани линкови

Маркетинг