Овој човек неутрализирал 1 тон тешка НАТО бомба со 430 килограми експлозив во Ниш: „Не сум суеверен, но теренот секогаш го подготвувам на овој начин“

Точка

29/04/2024

19:43

6.602

Големина на фонт

а а а

Ако некаде постои „вага“ за мерење на силата на човечкиот дух, колку би тежел на неа деминерот Михаило Маринковиќ (48) од Панчево, припадник на Секторот за вонредни состојби при српското МВР?

Колку би тежела неговата храброст, присебноста, целосната концентрација..., во моментот кога минатата недела во Ниш сам пришол до неексплодирана авио-бомба тешка 1.000 килограми која носи 430 килограми експлозив, останата од НАТО агресијата?

Тоа го знаат само тој и неговите храбри колеги од Специјалистичкиот тим за заштита од неексплодирани убојни средства (НУС) на Одделението за заштита од експлозивни остатоци од војната (ЕОР) при Секторот за вонредни состојби, чиј раководител е тој.


Останатите можат само да шпекулираат додека ги обзема страв и од помислата на опасностите од такво чудовиште и да му се восхитуваат со огромна благодарност за сите спасени животи.

„Не ми е првпат. Во 2011 година учествував во отстранување на иста ваква бомба во Крагуевац и во 2013 година во акција за отстранување и уништување на германската авио-бомба тешка 1.000 килограми, останата од Втората светска војна, која беше пронајдена на Дорќол во Белград. Самото приоѓање на бомбите не е толку опасно, но вознемиреноста и стравот се неизбежни, бидејќи претстојат процени за ситуацијата и нејзино неутрализирање“, вели Маринковиќ за српскиот „Курир“.


А токму размислувањето за моментот кога ѝ се одзема убиствената моќ кај „лаикот“ предизвикува морници. Таа секунда кога ќе настапи „таа или јас“, можноста за само еден погрешен, кобен чекор, дали деминерите мислат на семејството, најблиските?

„За последиците секогаш се размислува, бидејќи не се работи само за животот на еден човек, туку и за сите членови на тимот, но и за средината во која се работи. Моето семејство ја разбира мојата работа и секако мислам на нив, но кога сум на вакви активности се трудам да останам максимално фокусиран на работата. Немам некој посебен ритуал пред почетокот на ваквите акции бидејќи не сум суеверен, но ја почитувам процедурата и целосно сум посветен на мојата работа со цел да си го подготвам теренот во подготвителните акции и проценките на состојбата на бомбата како би се нашол во потполно позната ситуација. Морам да прифатам одреден ризик бидејќи работам на таква работа“, вели Маринковиќ.


По припремите, открива тој, бомбата е целосно откопана, откриена и што е најважно идентификувана за да се дојде до технички податоци за неа и комбинацијата на запалки со кои може да биде вооружена.

„При преглед на телото на бомбата е утврдено дека има електрична запалка, како и дека може да се подигне и натовари на камион за транспорт и уништување на безбедно место. Но, опасност секогаш постои, а ризикот го намалуваме на минимум со нашите постапки. Некои акции не можев да ги направам сам и целиот тим мораше да работи заедно. Освен мене, беа уште тројца членови на специјалистичкиот тим НУС, колега од Управата за цивилна заштита и управување со ризик во која припаѓам и јас, и двајца колеги од Управата за вонредни состојби во Ниш“.


„Пред почетокот на акцијата беа направени подготовки за евакуација на граѓаните и материјалните добра од зоната на опасност. Станува збор за 1300 лица, од кои 1280 сами се евакуираа, а на 20 граѓани им беше потребна наша асистенција. Беше извршено и медицинско, противпожарно и физичко обезбедување на местото каде што е пронајдена бомбата. Жителите од населбата „Стеван Синѓелиќ“, од опасната зона, покажаа исклучителна соработка, па сè, како и нивното враќање помина без никакви проблеми“, вели Маринковиќ.



Спонзорирани линкови

Маркетинг