Иран воведе санкции кон САД и Велика Британија поради поддршката кон Израел

Макфакс

02/05/2024

21:42

1.915

Големина на фонт

а а а

Иранските власти денеска објавија дека воведуваат санкции против неколку американски и британски поединци и субјекти поради нивната поддршка на Израел во војната против палестинското движење Хамас во Појасот Газа.

Иранската дипломатија соопшти дека санкциите се однесуваат на седум Американци, меѓу кои и генералот Брајан Фентон, шеф на командата за специјални операции и вицеадмиралот Бред Купер, поранешен шеф на американските поморски сили на Блискиот Исток.

Од британските функционери и субјекти цел на санкциите се министерот за одбрана Грант Шапс и британската кралска морнарица во Црвеното Море.

Санкции беа најавени и против американските компании „Локид Мартин“ и „Шеврон“ и британските компании „Елбит системс“, „Паркер Мегит“ и „Рафаел УК“.

Иранското Министерство за надворешни работи додаде дека санкциите вклучуваат „блокирање на сметки и трансакции во иранскиот финансиски и банкарски систем, блокирање на средства под јурисдикција на Иран, како и забрана за издавање визи и влез на иранска територија“.

Влијанието на овие мерки врз поединци или субјекти, како и врз можните средства или трансакции со Иран, сепак, останува неизвесно.

Од почетокот на војната во Појасот Газа, предизвикана на 7 октомври со нападот на палестинското исламистичко движење Хамас на израелска територија, нагло се зголемија тензиите меѓу Израел од една страна и Иран и неговите сојузници, особено либанскиот Хезболах, од друга.

Ситуацијата се вжешти на 13 април, кога Иран изврши напад врз Израел, со 350 беспилотни летала и проектили, од кои повеќето беа пресретнати со помош на САД и други земји.

Иранските власти тогаш објавија дека дејствувале во „самоодбрана“ по смртоносниот напад што му се припишува на Израел врз иранскиот конзулат во Дамаск на 1 април.



Спонзорирани линкови

Маркетинг