Хрватска е привлечна за балканските работници поради платата, станува збор за многу пари

Макфакс

05/05/2024

15:09

6.536

Големина на фонт

а а а

„Сезоната за извоз на работна сила практично започна веќе во април, поточно за келнери, готвачи и други работници во угостителството и туристичката индустрија“, пишува српски Блиц во текстот со наслов „На нашите градилишта пристигнуваат работници од Турција и Кина, а нашите келнери и готвачи масовно бегаат кон Јадранот“.

Милош Турински од локалната ПР Инфостуд, најголемата српска база на податоци за наоѓање работа, за споменатиот медиум изјави дека Црна Гора ги објавила првите огласи за овие работници уште во јануари, а потоа Словенија и Хрватска, па веќе пристигнале голем број работници од Србија на Јадранот, каде подготовките за новата летна сезона траат веќе подолго време.

„Ова е тренд на кој сме сведоци со години, додека, од друга страна, самата Србија се бори да најде работници во угостителството поради големиот дефицит. Проблемот само ќе се зголемува како што се загрева летната туристичка сезона на Јадранскиот брег“, вели Турински.

Според бројот на ангажирани работници од Србија на сезонски работни места во овој сектор, Хрватска е број еден, истакнуваат оттаму. Следуваат Словенија и Црна Гора.


„Хрватска е најпривлечна за српските работници поради многуте деловни можности и платата што можат да ја заработат. Тоа се многу пари, бидејќи најмногу им се плаќа за сместување и неколку оброци дневно. Од друга страна, навистина има многу работа на хрватското приморје, често без слободни денови во неделата, но нашите луѓе се свесни дека по летото можат да се вратат со висока заработка. Во Словенија и Црна Гора заработувачката за овие работни места е нешто помала, но сепак е на солидно ниво“, објаснува Милош Турински.

Турински за Блиц изјави и дека келнерите вработени во некои од одморалиштата во Хрватска можат да заработуваат од 1.500 до 2.000 евра месечно, додека платите на многу бараните готвачи се и до 3.000 евра месечно. Помошниците во кујна се платени од 800 до 1000 евра.

„Покрај угостителските работници, во Хрватска многу се бараат и работници за други работни места во туризмот, така што чистачките и собарките можат да заработат по 1.000 евра месечно. Оваа плата ја добиваат и хостесите кои работат на промоција на разни ресторани и други угостителски објекти“, вели Турински.


Кога станува збор за увозот на работници во Србија, тој и годинава ќе биде доминантен во градежната индустрија каде недостигот од домашна работна сила го покриваат градежниците од азиските земји, се вели во написот. Станува збор за претежно квалификувани работници кои се стручни за извршување на овие работни места.

„Сега започнува интензивната сезона во земјоделството и во таа стопанска гранка, како и претходните години, може да очекуваме и големи проблеми поради недостиг на луѓе. Поради ова се очекува многумина да ангажираат странски работници кои доаѓаат од земји во Азија и Африка“, објави српската ПР Инфостуд.

Пораснаа дневниците за работниците во земјоделството, па може да очекуваат дневна плата од 50 евра доколку не се вклучени превозот и оброците.



Спонзорирани линкови

Маркетинг