[ВИДЕО] Путин положи заклетва и ја презеде должноста претседател на Русија во нов мандат: „Не одбиваме дијалог со Западот“

Макфакс

07/05/2024

13:06

1.983

Големина на фонт

а а а

Рускиот лидер Владимир Путин денеска на свечената инаугурација во Големата палата во Кремљ положи заклетва и официјално стана претседател на Русија.

Тој ќе остане на функцијата во следните шест години, до 2030 година, пренесува „РИА новости“.

На инаугурацијата присуствуваа сенатори, заменици на државата Дума, судии од Уставниот суд, гувернери, членови на владата, претставници на традиционални верски заедници, странски амбасадори и други гости.

Руските производители на автомобили за оваа пригода специјално го адаптираа претседателскиот автомобил „аурус сенат“, а на пат кон палатата претседателската лимузина беше придружувана од нови електрични мотоцикли „аурус“.

Според Уставот на Русија, владата му ги предава овластувањата на идниот претседател, а министрите ќе продолжат да работат во технички мандат до формирањето нов кабинет.

Премиерот ќе го именува претседателот откога државната Дума ќе ја одобри кандидатурата во рок од две недели.

Новиот премиер ќе го изнесе својот став за структурата на извршната власт, а потоа на државната Дума ќе ѝ предложи кандидати за вицепремиери и министри, освен шефовите на безбедносниот сектор и на Министерството за надворешни работи.

Шефовите на Министерството за одбрана, ФСБ, Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда, Министерството за вонредни ситуации и Министерството за надворешни работи ги именува претседателот на Русија по консултација со Советот на Федерацијата.

Путин првпат стана претседател на Русија во 2000 година, а во 2004 година беше реизбран за нов мандат.

Тој не учествуваше на изборите во 2008 година бидејќи Уставот не му дозволуваше да се кандидира повеќе од два последователни мандата.

Откога ја поддржа кандидатурата на Дмитриј Медведев, Путин ја презеде функцијата премиер во мај 2008 година.

Во исто време беа направени измени на Уставот, според кои претседателот не се избира на четири, туку на шест години.

Путин повторно стана шеф на државата во 2012 година, а потоа беше реизбран во 2018 година.

Тој доби право да учествува на изборите во 2024 година по усвојувањето на измените на Уставот во 2020 година.

На претседателските избори во Русија одржани од 15 до 17 март Путин освои 87,28 отсто од гласовите, пренесува „Танјуг“.

Путин: Подготвени сме за разговор со Западот, но без ароганција и сила

Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека Русија ќе продолжи да работи со партнерите за формирање мултиполарен светски поредок, како и дека се можни дискусии за безбедносни прашања со западните земји, но под еднакви услови.

„Заедно со партнерите во евроазиската интеграција, со другите центри за суверен развој, ќе продолжиме да работиме на формирање мултиполарен светски поредок, еднаков и неделив безбедносен систем“, рече Путин на церемонијата на инаугурација во палатата во Кремљ.

Тој рече дека Русија била и ќе биде отворена за зајакнување на добрите односи со сите земји што гледаат сигурен и чесен партнер.

Русија не го отфрла дијалогот со западните земји, туку дека изборот е нивен, посочи Путин.

„Дали сè уште планираат обиди да го запрат развојот на Русија, да ја продолжат политиката на агресија, притисокот врз нашата земја, кој не запира со години или бара начин за соработка и мир“, рече рускиот лидер на церемонијата за инаугурација.

Според него, разговор меѓу Русија и западните земји за безбедносни прашања е можен само под еднакви услови, а не од позиција на моќ.

„Повторувам, можен е разговор, вклучително и за прашања за безбедност и стратешка стабилност, но не од позиција на сила, туку разговор без никаква ароганција, вообразеност и лична ексклузивност, само под еднакви услови, со почитување на заедничките интереси“, нагласи Путин.

Тој истакна дека народот на Русија е единствен и голем и дека заедно Русите ќе ги надминат пречките, ќе ги реализираат своите планови и ќе победат. Тој додаде дека единствено со народот може да се постигнат вистински големи цели.

„Денес, суштински сме одговорни за нашата илјадагодишна историја, нашите предци што освојувале навидум недостижни височини, бидејќи нивната татковина секогаш била на прво место. Тие знаеле дека можд да постигнат големи цели само заедно со државата и народот. И изградиле свет на моќ – нашата татковина“, рече Путин, пренесува „РИА новости“.

Претседателот на Русија смета дека е неопходно да се обезбеди сигурен континуитет во развојот на земјата во наредните децении, да се подигнат и образоваат помладите генерации, кои ќе ја зајакнат моќта на Русија, ќе ја развиваат нејзината државност, заснована на меѓуетничка хармонија, зачувување на традициите на сите народи што живеат во Русија.

Тој рече дека интересите и безбедноста на рускиот народ ќе бидат пред сѐ и изрази надеж дека Русите достоинствено ќе го поминат „овој тежок критичен период и ќе станат уште посилни“.

Тој вети дека ќе стори сѐ и ќе ги искористи сите законски и уставни овластувања за да ја оправда довербата на Русите истакнувајќи дека руските граѓани ја потврдиле исправноста на курсот на земјата, што, како што рече, е важно во контекст на сериозни судења.

„Вие, граѓаните на Русија, ја потврдивте исправноста на курсот на земјата, сега кога сме соочени со сериозни искушенија, во ова гледам длабоко разбирање на нашите заеднички историски цели. Консолидираната волја на милиони луѓе е огромна сила, доказ за нашата заедничка цврста верба дека ние ќе ја одредиме судбината на Русија и заради сегашните и идните генерации. Служењето на Русија е голема чест, одговорност и света должност на шефот на државата“, заклучи Путин во својот говор.

На претседателските избори во Русија, одржани од 15 до 17 март, Путин освои 87,28 отсто од гласовите. Путин ќе ја извршува највисоката избрана функција во следните шест години, до 2030 година.



Спонзорирани линкови

Маркетинг