[ФОТО] Бизарни гости на инаугурацијата на Путин: Речиси цел Запад денеска го игнорира, но затоа тука е Стивен Сигал

Точка

07/05/2024

16:22

5.491

Големина на фонт

а а а

Соединетите Американски Држави и повеќето нации од Европската унија ја бојкотираат церемонијата за инаугурација на Владимир Путин во Кремљ, кој на изборите во март освои уште еден претседателски мандат. Но, се очекува дека Франција и некои други земји од ЕУ ќе пратат претставници и покрај апелите од Киев.

Владимир Путин положи заклетва за претседател на Руската Федерација денеска во Москва, со што и официјално започнува неговиот петти шестгодишен мандат.

На инаугурацијата присуствуваат членови на Владата, пратеници во Државната дума и Советот на Федерацијата, раководителите на претседателска администрација, судиите од Уставниот суд, дипломати и други.

Бојкот на инаугурацијата

На церемонијата се повикани вкупно околу 2.600 гости.

Но, нема да дојдат сите, а различните одговори на западните сили само ја нагласуваат поделбата околу тоа како да се однесуваат кон рускиот лидер, кој пред повеќе од две години започна инвазија на Украина, пишува „Reuters“.

„Не, ние нем да имаме претставник на неговата инаугурација. Секако не ги сметавме тие избори за слободни и регуларни, но тој е претседател на Русија и ќе продолжи со тој капацитет“, рекол Метју Милер, портпарол на американскиот Стејт Департмент.


Без Британија и Канада

Велика Британија и Канада претходно рекле дека нема да пратат никој да присуствува на церемонијата, до која доаѓа ден откако Русија во понеделникот објавила дека ќе одржи вежби со тактичко нуклеарно оружје, а со кои се надева дека ќе „ги олади жешките глави на Западот“.

Путин, кој е на власт повеќе од две децении, на последните избори во март – само неколку недели по смртта на Алексеј Навални во затвор – однесе убедлива победа и го освои својот петти претседателски мандат на шест години. Западните влади го осудиле неговиот ре-избор како недемократски.

За Путин гласале повеќе од 87 проценти од луѓето.

„Украина не гледа правна основа за негово признавање како демократски избран и легитимен претседател на Русија“, навело во соопштение украинското Министерство за надворешни работи.


Без амбасадори на ЕУ на церемонијата

Денешната церемонија на положување на заклетва, како што навеле, има за цел да создаде илузија на законитоста за доживотно владеење на лице кое Руската федерација ја претвори во агресорска држава, а владејачкиот режим во диктатура.

Висок службеник на Кремљ рекол дека на инаугурацијата се поканети шефови на сите странски дипломатски мисии во Москва.

Портпаролот на ЕУ Петер Стано најавил дека амбасадорот на Унијата во Русија нема да присуствува на церемонијата, во склад со ставот на повеќето земји членки на блокот. Еден европски дипломат порано рекол дека 20 членки на ЕУ ќе го бојкотираат настанот, но дека се очекува седум од нив да пратат свој претставник, вклучувајќи ја и Франција.


Германија не оди, но се очекуваат претставници од Франција, Унгарија и Словачка

Германското министерство за надворешни работи вчера изјавило дека нема да присуствува.

Германија, имено, го повлече својот амбасадор од Русија поради консултации, откако Берлин ја обвини Москва за хакерски упади во системите на компании од технолошкиот сектор на одбраната, како што е соопштено во понеделникот од Министерството. Додале дека Берлин нема да има свој претставник на инаугурацијата на Путин.


За разлика од Германија, која нема да прати претставник, би требало францускиот амбасадор да биде присутен на церемонијата, како што претходно е најавено. Освен Франција, се очекуваат и претставници на Унгарија и Словачка.

„Франција ќе го прати својот амбасадор на инаугурацијата“, рекол претходно за „Reuters“ дипломатски извор од Париз, нагласувајќи ја поделбата на западните земји во врска со пристапот на Русија.

Балтичките земји: „Ова не е прифатливо“

Балтичките држави, кои веќе немаат дипломатски претставници во Москва, исто така категорички го исклучиле присуството на инаугурацијата.

„Сметаме дека изолацијата на Русија – а посебно нејзиниот злосторнички лидер – мора да продолжи. Учеството на инаугурацијата на Путин не е прифатливо за Литванија. Нашиот приоритет останува поддршката на Украина и нејзиниот народ кој се бори против руската агресија“, рекол министерот за надворешни работи на Литванија Габријелиус Ландсбергис.

Белгискиот амбасадор во Русија Марк Микиелсен исто така нема да присуствува на инаугурацијата на Путин.


Стивен Сигал на инаугурацијата на Путин

Во меѓувреме, познати личности од јавниот живот исто така се повикани на церемонијата во Москва. Како што пренесуваат агенциите, актерот Стивен Сигал – кого Путин минатата година го одликуваше со Орден за пријателство – пристигнал во Кремљ, каде присуствувал на инаугурацијата.

Актерот и во 2018-та година бил меѓу оние кои биле поканети на положувањето на заклетва на Путин за претседател.

Инаугурацијата на Путин е одржана денеска, со што официјално започна неговиот петти мандат. Тој на претседателските избори во Русија, одржани од 15-ти до 17-ти март, освоил 87,28 проценти од гласовите.




Спонзорирани линкови

Маркетинг