Притискаат гас наместо кочница, па предизвикуваат сообраќајни несреќи – државата пронашла начин како да го спречи тоа

Супермен

08/07/2024

21:22

11.065

Големина на фонт

а а а

Јапонија воведе иновација во безбедноста на патиштата. Според новиот закон, од сите нови патнички автомобили со автоматски менувачи ќе се бара да поседуваат технологија која ги спречува возачите ненамерно да забрзуваат со притискање на педалот за гас наместо кочница, соопшти нивното министерство за сообраќај.

Бидејќи Јапонија се соочува со брзо стареење на населението, таа се надева дека новото правило ќе го намали бројот на сообраќајни несреќи, кои често се предизвикани од постари возачи. Новите правила се во согласност со прописите на ОН и треба да стапат на сила во јуни следната година.

„Јапонија предлага тоа да стане меѓународен стандард уште од 2022 година“, рече министерот за сообраќај Тецуо Саито на прес-конференција на крајот на јуни.


„Ќе се подготвиме за новите регулативи и ќе се обидеме да ја подобриме безбедноста на автомобилите“, рече тој.

Како би требало да функционира системот?

Технологијата ќе го сузбие несаканото забрзување, што значи дека автомобилот ќе застане пред да удри во објект или ќе забави на помалку од 8 километри на час ако не може да се избегне судир, дури и ако возачот до крај го притисне педалот за гас на растојание од 1 до 1,5 метри од пречката.

Кога технологијата ќе се активира, на екранот во возилото ќе се прикаже и предупредување: „Тргнете ја ногата од педалот за гас“, велат од министерството.

Министерството ќе ги ревидира своите прописи откако во ноември оваа година формално ќе се усогласат прописите на ОН, кои бараат технологијата прво да се инсталира на новите модели со автоматски менувач, пред да се прошири на новите автомобили на веќе постоечките модели.


„Мануелците“ изземени од новото правило

Автомобилите со мануелен менувач се изземени од новото правило бидејќи помали се шансите да предизвикаат сообраќајни незгоди поради притискање на погрешен педал, велат од министерството.

Повеќето нови автомобили во Јапонија се веќе опремени со слична технологија, а некои производители продаваат и производи кои можат дополнително да се доградат на постоечките автомобили.

Според Институтот за истражување и анализа на податоци за сообраќајни несреќи, во 2023 година Јапонија регистрирала 3.110 сообраќајни несреќи предизвикани од возачи кои ги помешале педалот за гас со кочница, во кои смртно настрадале 38 лица, а 4.343 луѓе биле повредени.


Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk