[ФОТО/ВИДЕО] Десната рака на Трамп навредливо за „жените со мачки и без деца“, Џенифер Анистон му одговори: „Се молам за вашата ќерка“

Точка

25/07/2024

20:54

4.110

Големина на фонт

а а а

Американскиот сенатор Џ. Д. Венс пред три години ја искоментира потпретседателката Камала Харис и ја нарече „жена со мачки и без деца, која е несреќна во својот живот“.

Неговиот коментар деновиве повторно почна да се шири на социјалните мрежи, а меѓу оние кои се огласија е и американската актерка Џенифер Анистон.

Актерката упати критика до Венс, кој е кандидат на Републиканската партија за потпретседател на годинашните претседателски избори во САД.

„Не можам да верувам дека ова доаѓа од потенцијалниот потпретседател на САД. Сè што можам да кажам е…Господине Венс, се молам вашата ќерка да има среќа еден ден да има свои деца. Се надевам дека нема да мора да се сврти кон ин-витро како друга опција затоа што се обидувате да ѝ го одземете тоа“, напиша таа покрај видеото од контроверзните изјави на сенаторот.

Исто така, Венс тогаш изјави дека „целата иднина на демократите е контролирана од луѓе без деца“. Инаку, Венс има три деца, синовите Јуан и Вивек и ќерката Мирабел. Харис е маќеа на две деца, Кол и Ела.

Да потсетиме, Џенифер Анистон отсекогаш отворено зборувала за проблемите со плодноста и неколку пати изјави дека низ годините се обидувала да стане мајка. Таа откри и дека пробала неколку методи за да забремени.


„Поминав преку ин-витро, пиев кинески чаеви, што и да е. Сè вложив во тој процес. Сè ќе дадев за некој да ми кажеше да замрзнам јајце-клетки и да си направам услуга. Кога си помлад не ни размислуваш за тоа. Но, еве ме денес. Бродот си исплови“, рече таа еднаш.



Спонзорирани линкови

Маркетинг