Бојата на водата во ова езеро е неверојатна – потполно тиркизна, проѕирна и чиста, а во комбинација со околните шуми, оваа дестинација потсетува на најубавите сцени од рекламите за чоколадото Милка.
Во западна Швајцарија, во долината Кандер се наоѓа популарната туристичка дестинација – малото езеро со површина помала од еден хектар. Езерото се нарекува „Blausee“ односно „Сино езеро“, а само еден поглед врз него доволен е да се разбере зошто многумина сакаат да го посетат.
Имено бојата на водата во езерото изгледа неверојатно, а езерото се снабдува со вода од малите подземни извори кои можат да се забележат дури и додека стоите покрај езерото.
Исто така, може да се забележи и статуа од жена која гледа кон небото и изгледа како да плаче гласно. Меѓутоа не без причина односно постои легенда поврзана со езерото која вели дека езерото ја добило бојата на очите на жената која тагувала поради смртта на нејзиниот љубовник. Тој починал откако паднал од карпата, а таа тука плачела до крајот на животот.
Во далечната 1998 година, уметникот Рафаел Фукс направи статуа на жена која е поставена на дното од езерото така што само нејзината глава стрчи над површината.
Ова место е совршено за планинарите, велосипедистите, или оние кои се љубители на романтични возења со чамец. Од есен до пролет можно да се нурка, па така статуата може да се види одблиску. Во зима не замрзнува, но глетката под снегот е неверојатна.
Исто така во близина има убав хотел и добар ресторан, каде посетителите можат да се опуштат без да размислуваат „каде потоа“ и „како да се вратат пред да се стемни“. Околните патеки се погодни за сите возрасти и не се напорни, а до езерото лесно се стигнува со автомобил или дури и со локален автобус.