Шефот на украинската дипломатија: Русија може да биде принудена на мир само со сила

Макфакс

26/11/2024

22:01

454

Големина на фонт

а а а

Во Варшава, украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха побара од Полска и западните сојузници да ја зголемат воената помош, особено за антиракетната одбрана на Украина, бидејќи најновите чекори на Русија водат кон ескалација на конфликтот и Москва може да биде принудена на мир само со сила.

„Русија презеде низа неприфатливи чекори кои ја зголемуваат агресијата. Ангажман на севернокорејската војска, напади врз постројки за нуклеарна енергија или напади со балистички ракети. Русија покажува дека не сака мир, сака само војна, што значи дека мирот може да се изнуди само со сила“, рече Сибиха на заедничката прес-конференција со шефот на полската дипломатија Радослав Шикорски.

Украинскиот министер предупреди дека за да ја принудат Русија да склучи мир, западните сојузници мора да ја зголемат помошта за Украина во областа на противракетната одбрана и противвоздушната одбрана, а исто така дека очекува 15-ти пакет санкции против Русија од Западот.

„Повторно ја покренувам темата Полска да и ги даде своите авиони МИГ-29 на Украина. Разбираме дека Полска мора да го брани своето небо и разговараме со сојузниците да помогнат во одбраната на источната граница на Полска. Ни требаат одлуките на сојузниците во врска со соборувањето на руски ракети над Украина“, рече Сибиха.


Украинскиот министер додаде дека помошта од Запад треба да оди и кон зајакнување на украинската воена индустрија за да не мора да зависи од испораките од сојузниците во критичните моменти.

Шефовите на дипломатиите на Украина и Полска денеска се согласија дека главна цел е сè уште Русија да ги врати окупираните територии, дека единствената гаранција за мир во Европа е Украина да влезе во НАТО и дека не може да се водат мировни преговори и компромиси, без согласност на Украинците.

„Украина мора да ги врати своите територии во меѓународно признатите граници. Во случај на почеток на мировни преговори, кои според нас не се на повидок кога гледаме сè побрутални напади од Русија, секое решение мора да биде прифатено од нашите украински пријатели“, рече Шикорски.

Полскиот министер потсети на историјата на својата земја дека договорите што ги направиле други зад грбот на Полјаците никогаш не донеле ништо добро.



Спонзорирани линкови

Маркетинг