Непосредно пред планираниот почеток на прекин на огнот во војната против либанската милиција Хезболах, израелската војска денеска објави дека убила уште еден висок член на палестинската милитантна организација Хамас во Појасот Газа.
Израелските воздухопловни сили „прецизно го погодија“ Мумин ал-Џабари, кој го опиша како искусен терорист во снајперската единица на Хамас, кој оперирал во просторија на зграда што порано била училиште, објавија рано утрово израелските одбранбени сили (ИДФ) на својот Телеграм канал.
Информациите од израелската армија не можеа независно да се проверат, пренесува Дпа. Договорот меѓу Израел и Хезболах, кој треба да започне во среда наутро, не вклучува никакви одредби за прекин на огнот со Хамас во Газа.
ИДФ соопшти дека Ал Џабари складирал „големо количество оружје во просторијата каде што дејствувал“. Во август, израелската армија ја нападна зградата, која се користеше како активно засолниште, елиминирајќи повеќе од 30 „терористи на Хамас и Исламски џихад“.
Израел соопшти дека презел голем број мерки за намалување на ризикот за цивилите пред нападот.
Од почетокот на војната во Појасот Газа, која избувна откако Хамас го нападна Израел во октомври 2023 година, Хезболах започна напади против Израел во поддршка на Хамас. Израел одговори со воздушни напади врз Либан и копнена инвазија.
Прекинот на огнот меѓу Израел и Хезболах стапи на сила во 4 часот по локално време, откако беше прифатен од двете страни со посредство на САД и Франција.