Шест години без неповторливиот Горан Стефановски: „Солзи немам да ве исплачам колку сте за тажење“

Точка

27/11/2024

15:17

665

Големина на фонт

а а а

На 27 ноември, доцна есен пред шест години, Македонија остана без еден човек кој никогаш нема да се заборави.

Писател, драматург, есеист, јавен интелектуалец и предавач – Горан Стефановски. Неговото лик и дело остануваат и продолжуваат да говорат за вредноста која ја имаше во пишаниот збор и културата.

Горан Стефановски е роден на 27 април 1952 година во Битола каде неговите родители работеле во Народниот театар – Битола. Неговиот татко, Мирко, бил театарски режисер, а неговата мајка, Нада, глумица. Голем дел од детството Горан го поминал во театрите. Негов помлад брат е Влатко Стефановски, познат виртуоз гитарист.


Неговата работа беше пофалена за длабоката анализа на идентитетот, културната историја и политиката, а неговите претстави се изведувани на најголемите сцени во светот. Стефановски ја обликуваше македонската драматургија со своите познати дела како „Диво месо“, „Лет во место“, „Конзервирани импресии“ и „Тетовирани души“, „Чернодрински се враќа дома“, „Гоце“, „Сараево“ и многу други во кои длабоко го истражуваше идентитетот, културната историја и политиката. Неговите претстави беа изведувани на најголемите сцени во светот, а неговото влијание се чувствува и денес.

Стефановски не само што беше признат драматург, туку и признат професор, кој ги воспитуваше новите генерации на талентирани драматурзи и театарски работници на Факултетот за драмски уметности во Скопје, како и на универзитети во Велика Британија и Шведска.

Во продолжение, да се потсетиме на неколку од неговите најпознати мисли, какви само тој умееше да создаде.

1. „Јас тоа го наречувам синдром на славјанската мазохистичка душа. Кога ништо не е во ред, а не се крева малиот прст ситуацијата да се поправи и во тоа дури и се наоѓа задоволство. А на овој Балкан никогаш ништо не било во ред. Дваесет илјади години наназад. И ако во сиот тој метеж некој се заложи да помогне, таа помош не се прима добронамерно. Напротив. Сомничаво се одбива. И состојбата на пропаѓање продолжува. Вие сте осудени да живеете во состојба на пропаѓање. Не на пропаст, затоа што пропаста е дефинирана состојба и не на благосостојба, од која сте далеку, туку на пропаѓање. Постојано и постојано пропаѓање. Во истите дупки. На ист начин. Повторно и повторно. Упорно и тврдоглаво. Никогаш не извлекувате никакво искуство. Тоа станува смешно. Па мечка во циркус научува да вози велосипед.“

(„Диво месо“)



2. „На слободата треба да се сетиш. Ние постојано ја забораваме, и сè некој друг ни е виновен.

(„Дупло дно“)

3. „Зошто не се цените малку повеќе? Зошто само некој кој ве навредува успева да предизвика вистинска почит кај вас?“

(„Диво месо“)

4. „ДИОНИС: Дионис ви дава вино. Тоа е и храна и отров. Ваше е дали ќе запеете или ќе заплачете. Ви дава оган – ваше е дали ќе си го стоплите домот или ќе ја запалите куќата. Ви дава страст – ваше е дали ќе водите љубов, или ќе се заколете меѓу себе.

(„Баханалии“)

5. „-Дали си ти „хи-фи“?

– Тоа е добро прашање.

– Затоа го поставувам.

– Не се познавам доволно.

– Вие младите едвај чекате да бидете тажни.

(„Хај-фај“)

6. „Има помалку души одошто луѓе. Знаете ли тоа? Има повеќе тела одошто души. Па една душа опслужува повеќе тела. Душите се како кучиња. Сакаат да се блиску до господарот. А вам ви е гајле. Ги пуштате да гладуваат, да лутаат неспокојно“.

(„Жив Човек“)

7. „Чекам веќе десет часа, а неа ја нема. Да знам дека ќе дојде, воопшто не би ја чекал“.

(„Конзервирани импресии“)

8. „Иднината никако да дојде, минатото никако да си отиде, а ние овде глумиме сегашност.“

(„Тетовирани души“)


9. „Сите живи суштества се раѓаат со инстинкт за преживување. Пајаците, за да преживеат, ткаат мрежи. Луѓето, за да преживеат, ткаат приказни. За нас нема ништо поважно од овие приказни. Тие се сржта на нашиот живот, ’рбетот на нашиот идентитет.“

10. „Ние двајцата вечерва наоѓаме посебно задоволство во тоа што намерно седиме на сосема спротивни страни од овој бучен, зачаден стан, полн со луѓе и ниту се погледнуваме, ниту покажуваме знаци на меѓусебно распознавање иако пред само неколку часа бевме во ист кревет. Одвреме навреме, со лесно принесување чаши кон усните и одвај видлива насмевка ја потврдуваме тајната.“

(„Конзервирани импресии“)

11. „До пред малку го држев в раце бебето на моите пријатели, сега горди родители. Им го вратив здраво и живо, ништо не му се случи додека беше кај мене. Тие и не помислуваа дека нешто може да му се случи. Еве, ако повторно го побарам, ќе ми го дадат без збор.“

(„Конзервирани импресии“)

12. „Најмногу сакам да мијам филџани од кафе. Од една страна прават многу бербат, па се чини дека вршам којзнае каква работа, а од друга страна се мијат без остаток, не се мрсни. Да може така со гревовите.“

(„Конзервирани импресии“)


13. „Околу мене предавства и убиства, палежи, колежи и сиромаштија, мака и смрт, неправда и лудило и самоубиства. Јас мирно седам и молчам и пишувам конзервирани импресии.“

(„Конзервирани импресии“)

14. „Европа ве бара! Ѝ се прди на Европа за вас! Воздивнувате по Германија, а таткото што ги изгубил нозете да направи куќа е помија кој не знае два и два.

И им пречи на Европјаните да прават кариера! Не знаете да се чувате … живеете на вересија … ќе загинете по некои дупки … ќе ве изедат пајажини … Името ќе ви се затре, коренот ќе ви се запусти, трага нема да остане од вас! Солзи немам да ве исплачам колку сте за тажење!“

(„Диво Месо“)


15. „Луѓето копнеат да умрат. Основните копнеат да станат гимназијалци, гимназијалците студенти, студените копнеат да најдат работа, вработените да се оженат, оженетите копнеат по стан и да им пораснат децата за да можат мирно да се пензионираат, пензионерите копнеат по здравје, а сите копнеат да умрат и мртви копнеат повторно да се родат за пак да се условно живи, во нов расчекор со себе“.

(„Дупло дно“)




Спонзорирани линкови

Маркетинг