Холандската светска шампионка во брзо лизгање Џој Беун за прв пат позираше за насловната страница на холандскиот Плејбој.
25-годишната спортистка на насловната страница носи само еден пар ракавици и се смета за најголемото име кое позирало за холандскиот Плејбој во повеќе од една деценија. Декемвриското издание на списанието беше пуштено во продажба во Холандија во четвртокот. „Дејли мејл“ пишува дека Плејбој во Холандија има тираж од околу 30.000 примероци, но овој месец, на првиот ден од излегувањето на списанието, продажбата била 10 пати поголема.
Поради ова, Плејбој испечатил повеќе примероци, што, посочуваат тие, никогаш не се случило во изминатите 11 години (колку што списанието) излегува во Холандија. „Ова е многу убаво да се слушне. Не очекував да бидат продадени толку копии. Очекував многу критики, но слушам само позитивни пораки како и дека сите мислат дека ова е неверојатно кул“, изјави Џој за локалните медиуми. Инаку нејзиното момче, Кјелд Нуис (35), кој исто така е брз лизгач, ја наговорил да се фотографира за списанието.
Џој призна дека порано била многу несигурна околу својот изглед, меѓутоа вели дека сега сè се сменило.
„Имаше моменти кога се споредував со други брзи лизгачи. Сите тие се супер витки и имаат неверојатно затегнато тело. Тогаш мислев дека сум премногу дебела. Но, тоа е глупост, треба да се јаде добро, потребна е енергија“, рече таа.
Која е Џој Беун?
Џој Беун е родена на 28 април 1999 година во градот Борне во Холандија.
Таа има освоено сребрен медал на Светското јуниорско првенство во брзо лизгање во Варшава во 2017 година. Следната година, на Светското јуниорско првенство во брзо лизгање 2018 во Јута, таа стана Светска шампионка за јуниори. Победи во дисциплините 1000 м, 1500 м, и 3000 м и постави светски јуниорски рекорди на тие растојанија.
Во 2018 година, таа се приклучи на тимот на „LottoNL-Jumbo“, потпишувајќи двегодишен договор. Во 2022 година премина во Тим ИКО, а во 2023 година го продолжи договорот до сезоната 2025/2026.
Инаку е популарна и на Инстаграм каде ја следат 305.000 луѓе.