Расте бројот на компании кои развиваат мозочни импланти. Чип од компанијата "Neuralink" на американскиот милијардер Илон Маск е вграден во мозокот на трет пациент, јавуваат американските медиуми.
Маск најави дека компанијата планира да инсталира од 20 до 30 вакви чипови оваа година.
„Сега имаме три лица на кои им е вграден чипот "Neuralink" и сите тие добро функционираат“, рече Маск на настан во Лас Вегас, пренесуван на социјалната мрежа X.
"Neuralink" е една од сè поголемиот број компании кои развиваат мозочни импланти за да помогнат во лекувањето на болести како парализа и амиотрофична латерална склероза.
Ова се експериментални процедури во кои електродите се вметнуваат во мозочното ткиво.
Пред една година, компанијата Neuralink објави дека го вградила првиот таков уред кај пациентот Ноланд Арбау.